Халкидики почнува со чистка на плажите – казни за нелегално поставени чадори и лежалки

Општината Касандра на првиот крак од Халкидики, со помош на грчката полиција, спроведе нова акција за отстранување на нелегално поставена плажна опрема – чадори, столици, лежалки и слични предмети. Акцијата се одвивала вчера на три локации меѓу Полихроно, Ханиоти и Пефкохори, по пријави од граѓани и претходни контроли на терен.

Од општината појаснија дека запленетата опрема нема да биде вратена на сопствениците и најавија дека ваквите инспекции ќе продолжат и на други плажи каде што е утврдено незаконско окупирање на брегот.

„Ги повикуваме сите кои нелегално го окупирале јавниот простор веднаш да ја отстранат опремата, за да избегнат административни и кривични санкции. Општина Касандра со доследност и решителност го брани јавниот простор и спроведувањето на законот,“ се вели во официјалното соопштение.

Вакви ненајавени акции имаше и минатиот месец, а претходеше предупредување на три јазици – англиски, германски и српски – во кое општината најави засилени контроли и отстранување на предмети што незаконски го зафаќаат јавниот и слободен простор на плажите.


Зачлени се на нашиот е-билтен