Американскиот државјанин Ајдан Александар, еден од заложниците што ги држеше палестинската група Хамас од 7 октомври 2023 година, е ослободен и е на пат за Тел Авив, потврди израелската војска.
Хамас го предаде на Црвениот крст, чии претставници го пренесоа во седиштето на израелските одбранбени сили (ИДФ) во Газа.
Неговото ослободување е резултат на израелскиот „немилосрден воен притисок“ врз Хамас, изјави Дејвид Менсер, портпарол на израелската влада.
Враќањето на сите заробени заложници, од кои 58 останаа во рацете на Хамас по ослободувањето на Александар, е „света морална обврска“ за Израел, смета Исак Херцог, претседателот на Израел.
Семејството на 21-годишниот Идан Александар, кој на денот на неговото заробување бил на границата Газа-Израел како припадник на елитните пешадиски единици, во текот на денот пристигнал во Израел за да го пречека.
Неговото ослободување „не е крај“ и „сите заложници мора да се вратат дома“, рече неговата мајка Јаел Александар по слетувањето во Израел.
Се очекува Американецот прво да добие лекарска помош, а потоа повторно да се собере со членовите на семејството.
Во Тел Авив беше организиран пречек на ослободениот американски државјанин, со бројни транспаренти со неговите и лицата на другите заложници на Хамас.
По тој повод, луѓето се собраа и во Тенафли, мало гратче во американскиот Њу Џерси, каде што живее семејството на Александар и на голем екран го следеа преносот од неговото пристигнување во Тел Авив.
Додека доаѓањето на Доналд Трамп на Блискиот Исток се очекува во вторник, Стив Виткоф, неговиот специјален пратеник за регионот, пристигна во Израел по повод ослободувањето на Александар.
Потегот на Хамас е гест на добра волја пред доаѓањето на американскиот претседател, изјави висок палестински функционер за Би-Би-Си.
Во објава на платформата „Вистина“, Трамп ослободувањето на 21-годишниот маж го нарече „одлична вест“.