Хамас предаде тела на двајца израелски заложници, потребно е време за да се извлечат останатите од урнатините

Хамас соопшти дека предал тела на уште двајца израелски заложници во согласност со договорот за прекин на огнот постигнат со посредство на САД, јави утрово Би-Би-Си. Од организацијата наведуваат дека е потребно време и специјализирана опрема за извлекување на телата на останатите загинати од урнатините во Појасот Газа.

Военото крило на Хамас во изјавата потврди дека останува посветено на договорот и дека ги предало сите тела на заложници до кои успеало да стигне.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека израелските сили може повторно да ги продолжат борбите во Газа доколку Хамас не го почитува договорот.

Канцеларијата на израелскиот премиер потврди дека преку Црвениот крст Израел ги примил ковчезите со телата на заложниците, кои сега чекаат официјална идентификација.
„Израелската армија ја повикува јавноста да почека со официјалните информации, кои најпрво ќе бидат соопштени на семејствата на загинатите заложници,“ се наведува во соопштението.

Според договорот за примирје, Хамас треба да предаде вкупно 28 тела на загинати заложници, а до синоќа биле предадени осум. Израел соопшти дека меѓу четирите тела предадени вчера, едното не припаѓало на заложник.

Како дел од истиот договор, Израел во понеделник ослободи речиси 2.000 палестински затвореници.

Договорот за прекин на огнот, предложен од Доналд Трамп, предвидува предавање на сите заложници — живи и мртви — до рокот што истече во понеделник, по што Хамас треба да ги достави сите достапни информации и да ги предаде преостанатите тела што е можно побрзо.

Зачлени се на нашиот е-билтен