Повеќе од 150 луѓе беа уапсени додека полицијата се обиде да го спречи насилството во Ливерпул, Хал, Бристол, Манчестер, Белфаст, Ротерам, Мидлсброу, Болтон и други градови.
Немирите во Велика Британија поради убиството на три девојчиња во Саутпорт на почетокот на минатата недела се разгореа низ целата земја викендов.
Екстремно десничарските демонстранти фрлаа димни бомби, камења и шишиња кон полицијата, запалија продавници во Блекпул.
Група демонстранти нападнаа и запалија хотели каде што престојуваат баратели на азил во северот на Англија во саботата.
Премиерот Кир Стармер ја вети својата „целосна поддршка“ за полицијата во борбата против „екстремистите“ кои се обидуваат да „сеат омраза“.
Тој за денеска закажа итен состанок на „Кобра“, специјален комитет за одговор на вонредни ситуации на британската влада, кој ги собира министрите, државните службеници, полицијата и разузнавачките служби.
Тензиите се зголемуваат во Британија цела недела по убиството на три девојчиња во студио за танц именувано по американската поп ѕвезда „Тејлор Свифт“ во градот Саутпорт минатиот понеделник, на 29 јули.
Во телевизиско обраќање, Стармер им рече на бунтовниците дека ќе „зажалат“ што ќе учествуваат во насилните протести.
„Луѓето во оваа држава имаат право да бидат безбедни, но сепак, гледаме муслимански заедници како се таргетираат, се напаѓаат џамии, се таргетираат и други малцинства, гледаме нацистички поздрави по улиците, напади на полицијата, многу насилство и расистичка реторика. Па не, нема да се воздржувам и ќе кажам ова е крајно десничарско насилство“ рече Стармер вчера.
Во Ливерпул, околу илјада демонстранти фрлаа шишиња и факели кон полицијата, при што беа повредени двајца, додека неколку стотици антифашистички активисти се собраа во близина, извикувајќи: „Нацистички ѓубриња, тргнете се од нашите улици“.
Ништо подобро не поминаа во Ротерам, каде што најмалку 10 полицајци беа повредени кога демонстрантите фрлаа со даски кон нив и ги испрскаа со противпожарни апарати, соопшти полицијата во Јужен Јоркшир.
Во една населба демонстрантите ги спречија пожарникарите да ги изгаснат пожарите, соопштија градските власти.
Ограбени се неколку продавници, а запалени се десетици контејнери.
Министерката за внатрешни работи Ивет Купер ги нарече сцените „апсолутно ужасни“ и рече дека полицијата има поддршка од владата да преземе „најсилна акција“.
Портпаролот на британскиот премиер изјави дека „правото на слобода на изразување и насилните немири што ги видовме се две сосема различни работи“.
Демонстранти биле собрани и околу хотелот во кој се сместени барателите на азил, па вработените и жителите биле „преплашени“.
17-годишник е осомничен за злосторство во детска танцова школа, кој беше уапсен и обвинет за повеќекратно убиство и обид за убиство.
Од полицијата велат дека за 17-годишникот имало различни гласини и дека поединци тоа го користеле за да предизвикаат нереди.
Министрите навестија дека судовите би можеле да бидат отворени 24 часа на ден за да го забрзаат гонењето, како што направија во 2011 година, додека полицијата би можела да ангажира дополнителна сила за да се справи со бунтовниците.
Ивет Купер, министерката за внатрешни работи, претходно предупреди на дезинформации за нападот и повтори дека „осомничениот нема познати врски со исламот“.
Иако во текот на викендот имаше различни предлози, како тој да се активира армијата, сепак од полицијата велат дека имаат доволно ресурси за да се справат со нередите во моментов.
Од полицијата соопштија дека џамиите низ Велика Британија ќе добијат засилено обезбедување по последните нереди и напади.
Според Џо Мулхал, директор за истражвуање во „Надеж, не омраза“, невладина организација која се бори против расизмот и фашизмот, социјалната мрежа X, поранешен Твитер, станала централно место за ширење на опасни дезинформации и промоција на протестите.
„Бранот на протести и расистички напади не е централно организиран, туку порасна од децентрализираните крајно десни мрежи, многу од кои оперираат на X. Голем број важни фигури од овие мрежи споделуваат дезинформации поттикнувајќи тензии, како Стефен Ленон (познат и како Томи Робинсон) кој претходно беше баниран на X, но неговите профили беа вратени откако Илон Маск ја презеде платформата“ вели Мухал и додава дека по преземањето на Маск на Твитер гледаме како екстремната десница повторно стигнува до милиони луѓе со нивната опасна пропаганда.