Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Хаосот во јавниот превоз ги наполни џебовите на дивите таксисти во Скопје

Скопје се соочува со наплив на диви таксисти поради големиот недостиг на автобуси. Легалните такси компании се преоптоварени, поради што граѓаните се принудени да плаќаат надуени цени. Сашо Рајчановски ги повикува градските власти веднаш да преземат мерки за справување со кризата и воспоставување ред во такси-индустријата.

„Зголемена е работата на такси компаниите, повиците се зголемени. Ама такси компаниите кои работат легално, не можат да одговорат на тие потреби. Од која причина? Таму се намалува бројот бидејќи сите сакаат на диво да си работат, а дивите таксисти се намножуваат од ден во ден. Гледаат на автобуските постојки дека има многу патници. Полека се движат, оној што се брза, што има потреба, луѓето стварно имаат потреба од една до друга дестинација, не можат веќе да чекаат автобус, сведоци сме дека веќе со часови чекаат автобуси и застануваат такси без да размислат кое е тоа такси, дали има лиценца, дали имаат фискална или немаат, тие сакаат да отидат до таа дестинација. Плаќаат зашто стварно се приморани и после тоа реагираат. Возење кое чини 150 денари го плаќаат 400-500 денари. Еве отидете до клиника, државна болница, ќе видите колку ќе ви побара до Центар“ – Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на авто-такси превозници на Град Скопје

Рајчановски вели Градот Скопје како институција треба да ги активира сообраќајните инспектори за да стават ред.

„За решението не треба ни советот да гласа, не треба ни 1 денар финансии, само треба градоначалничката да го повика инспекторатот и да им каже: слушајте, од утре сакам да се реши такси превозот. И готово. Ако таа не ги менаџира работите не може да се решат“ – Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на авто-такси превозници на Град Скопје

Да се даде проценка за бројот на диви таксисти е тешко, но според неговите проценки соодносот е голем.

„Овие месеци, страшна е бројката. 80 со 20 е соодносот, во корист на дивите таксисти. Страшна е работата. Па видете само во Агенција за вработување колку има пријавено такси возачи. Па нема ни 100. Ќе ја снема организираната такси служба во градот Скопје. А главен град е“ – Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на авто-такси превозници на Град Скопје

Најново