Секторот за внатрешни работи во Охрид поднел кривична пријава против 42-годишен жител на Струга, откако кај него бил пронајден и одземен хашиш при полициска контрола во моментот кога излегувал од фабрика за производство на канабис за медицински цели во Охрид. Осомничениот се товари за кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Во истата информација на полицијата е наведено и второ постапување во струшкиот регион: на локалниот пат меѓу Велешта и Октиси, полициски службеници го лишиле од слобода 47-годишниот С.А. од Октиси, откако при преглед на возило „пежо“ со струшки таблички била пронајдена и одземена марихуана. Според најавата, по целосно документирање на настанот ќе следи кривична пријава.
Случајот доаѓа во момент кога институциите најавуваат поостар режим на контроли врз секторот за медицински канабис. Ден претходно, Владата одлучи да се спроведат вонредни контроли на сите правни лица со одобрение за одгледување и производство на канабис за медицински цели, со рок од 45 дена за доставување извештај до Владата, како и реактивирање на меѓуресорска државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги.