Лидерот на Хезболах, Саид Хасан Насралах е убиен, соопшти Хезболах, милитаристичката формација поддржана од Иран.
Со тоа е потврдена неговата смрт откако израелската војска соопшти дека го елиминирала во воздушен напад во Бејрут еден ден претходно.
Неговата смрт претставува разурнувачки удар за Хезболах и огромен удар за Иран, земја која е сојузник на милитантниот Хезболах.
Хезболах во соопштението порача дека ќе ја продолжи својата битка против Израел „во поддршка на Газа и Палестина и во одбрана на Либан и неговиот непоколеблив и чесен народ“.
Тие не наведуваат како е убиен Насралах.
Телевизијата Ал-Манар на Хезболах почна да емитува стихови од Куранот откако беше објавена неговата смрт.
Израелската војска претходно соопшти дека Насралах бил елиминиран во „таргетиран напад“ во петокот врз подземниот штаб на Хезболах под станбена зграда во Дахије – јужно предградие на Бејрут контролирано од Хезболах.