Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Холандија ќе укинува летови од Схипхол како мерка за намалување на бучавата

 Холандските власти решија да го намалат бројот на летови од и кон аеродромот Схипхол во Амстердам, во обид да ја намалат бучавата. 

Според овој план, како што јави дописникот на МИА од Брисел, се предвидува од наредното лето бројот на летови од Схипхол, кој е петти по големина аеродром во Европа, да се намали за околу 9.100 летови, со што вкупниот број летови на годишно ниво би се свел на околу 452.500. 

Кратењето на бројот на летови е дел од планот за намалување на бучавата од аеродромот, што се надоврзува на претходните мерки за забрана на полетувања и слетувања во доцните ноќни часови, ограничување на пристапот за приватни летала, како и забраната за премногу бучните модели на авиони. 

Според аеродромските власти, досега преземените мерки веќе резултирале со намалување на бројот на јавни поплаки поврзани со бучавата. 

Но, авиокомпаниите и аналитичарите предупредуваат дека ваквите мерки и пред се намалувањата на бројот на летови може да се одразат негативно врз холандската економија и да доведат до загуби во работењето на Схипхол. 

Според извршниот директор на авионската групација „Ер Франс-КЛМ“, Бен Смит ваквата мерка е „апсолутно неразбирливо“ и е нејасно зошто холандската Влада сака да ја поткопа позицијата на Схипхол и водечката домашна авикомпанија КЛМ. 

– Ова е одличен подарок за нашите конкуренти како „Луфтханза“ и „Бритиш Ервејс“, изјави Смит, додавајќи дека од таквата одлука најголема корист би можеле да имаат аеродромите во Копенхаген и Стокхолм. 

Според проценките, околу 60 отсто од укинатите летови ќе бидат на компанијата КЛМ, која оцени дека ваквата мерка „не е во согласност со законите и прописите“. 

Директорот на аналитичката куќа „Џеј-Ел-Ес Консалтинг“, Џон Стрикленд смета дека укинувањето на летовите би било „катастрофално“ за КЛМ и за холандската економија. 

– Некои летови може да бидат префрлени на други аеродроми кои не се соочуваат со такви ограничувања, вклучително и оние кон неевропските аеродроми. Ограничувањето на огромните економски и социјални придобивки од воздухопловството, не претставува вистинско решение за земја зависна од трговијата како што е Холандија, оцени Стрикленд. 

Од друга страна, американскиот авиопревозник „ЏетБлу“, кој исто така би имал значителни загуби со намалувањето на бројот на летови од Схипхол во текот на летото, се закани дека ќе бара од властите на САД да и забранат летови на КЛМ кон њујоршкиот аеродром „Џон Кенеди“, како реципрочна мерка. 

– Веруваме дека владите на САД и Холандија имаат обврска според нашиот договор за отворено небо да осигураат дека на „ЏетБлу“ ќе има постојан пристап до аеродромот во Амстердам, соопшти компанијата. 

Засега нема најави дека примерот на Холандија ќе го следат и други земји, иако тоа не е исклучено во иднина, имајќи предвид дека, на пример, лани белгиската Влада мораше да плати 25 милиони евра казни поради бучавата околу бриселскиот аеродром Завентем. 

Зачлени се на нашиот е-билтен