Граѓаните на Холандија утре ќе излезат на предвремени парламентарни избори, откако владината коалиција се распадна поради несогласувања околу имиграциската политика.
Според анкетите, фаворит е десничарот Герт Вилдерс и неговата Партија за слобода (PVV), која веќе еднаш, во 2023 година, забележа убедлива победа. Сепак, Вилдерс, познат по своите антиимигрантски и антиевропски ставови, има мали шанси да стане премиер, бидејќи другите големи партии ја исклучија можноста за коалиција со него.
Политичките анализи укажуваат дека токму второто место ќе биде клучно – лидерот на партијата што ќе заврши втор најверојатно ќе има шанса да ја формира новата влада.
Во водство за тоа место е союзот на зелените и левицата, предводен од поранешниот потпретседател на Европската комисија Франс Тимерманс, кој се смета за стабилен кандидат со силен фокус на климатските политики. Во подем е и 42-годишниот Хенри Бонтенбал, лидер на центар-десничарската партија CDA, кој повикува на „враќање во нормала“ и помирување на политички поделениот народ.
Истражувањата покажуваат дека голем дел од гласачите сè уште не знаат за кого ќе гласаат, а најголемите грижи се поврзани со станбената криза, имиграцијата, здравството и трошоците за живот. Климатските прашања, пак, се меѓу најмалку важните за избирачите.
Холандија има 27 партии кои се борат за 150 места во парламентот, а поради пропорционалниот изборен систем, ниту една партија не може сама да освои апсолутно мнозинство. Затоа се очекува долги преговори за составување влада — последниот пат тие траеја дури 223 дена.
Премиерот на заминување, Дик Схоф, ќе остане на функција додека не се формира новата коалиција.
