Амбасадорот на САД во Косово, Џефри Ховениер се сретнал денеска со претседателите на стопанските комори на Косово и Србија, Љуљзим Рафуна и Марко Чадеж, со кои разговарал за начините за подобрување на соработката меѓу бизниси на две земји, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на неговата страница на платформата Икс, Ховениер порача дека нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово ќе придонесе за стабилноста и просперитетот во целиот регион.
– Добра дискусија со лидерите на Стопанската комора на Косово и Стопанската комора на Србија за начините за подобрување на соработката меѓу косовската и српската бизнис-заедница во Косово и Србија. Нормализацијата на односите меѓу двете земји ќе ја зголеми регионалната стабилност и просперитет, напиша Ховениер.