Храбра Гркинка на остров во Егејот е приказната за 78-годишната Ирена Катсотурхи, позната како Кира Ринјо, која е единствената жителка на Кинарос, мало и изолирано грчко островче во источниот дел на Егејското Море, меѓу Аморгос, Калимнос и Лерос. Таа во изјава пренесена од медиумите вели дека не се плаши од животот во самотија, иако секојдневието на островот значи изолација, сурови ветрови и ограничен контакт со надворешниот свет.
Катсотурхи е родена на Аморгос, а пораснала на Кинарос. По бракот живеела со семејството на Калимнос, а подоцна и во Австралија, но по враќањето со сопругот решиле трајно да се населат на островот. Откако нејзиниот сопруг починал во 2013 година, таа останала сама на Кинарос и оттогаш не се откажува од животот на ова оддалечено парче земја.
Животот таму не е лесен. Во зимските месеци нејзината главна врска со светот е неделниот брод од Аморгос, кој ѝ носи основни намирници, а друштво ѝ прават куче, кокошки, овци и диви кози. Во едно грчко медиумско сведоштво таа вели дека не чувствува страв затоа што е сама, а секоја година нејзиниот син престојува со неа по два до три месеци.
Нејзината приказна стана пошироко позната и по инцидентот во 2020 година, кога поради прекин на струјата и комуникациите неколку дена немало контакт со островот, по што интервенирале грчките власти. И тогаш, како и во други јавни настапи, таа порачала дека нема намера да си замине од Кинарос, и покрај тешките услови за живот.