Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во гостување во „Топ Тема“ на Телма остро го нападна премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека е „прокси руски играч во регионот и тука во Македонија“ и дека Владата ја поставила државата во политичка и економска зависност од Унгарија и од кругови блиски до премиерот Виктор Орбан. Во изјавата, Филипче ја поврза оваа оценка со наводите за унгарско посредување во пренесување теми од затворени состаноци на Европската Унија кон рускиот претседател Владимир Путин, но и со одлуките на македонската власт во делот на кредитите, инфраструктурните приоритети, телекомуникациите и енергетиката.
Филипче рече дека „единствено кој коленичи беше Христијан Мицкоски“, потсетувајќи на, како што наведе, партиски митинг на кој Мицкоски „на колена молеше за власт“ и ветувал враќање на името, што, според него, не се случило. Тој оцени дека таквата реторика е дел од, како што кажа, „лажната реторика“ на премиерот во изминатиот период.
Во продолжение, Филипче ја отвори и темата за заемот од една милијарда евра преку Владата на Орбан, прашувајќи зошто Македонија се задолжува на тој начин и под кои услови, ако, според неговите зборови, постоеле поповолни средства. Тој ја критикуваше и одлуката приоритет да добие Коридорот 10 пред Коридорот 8, тврдејќи дека земјата со тоа изгубила 140 милиони евра европски грантови.
Лидерот на СДСМ дополнително праша и зошто унгарски компании, блиски до Орбан, добиваат простор во телекомуникацискиот и енергетскиот сектор во Македонија. Во истата изјава, тој оцени дека не станува збор за традиционално блиски односи меѓу двете држави, туку за политичка ориентација што, според него, оди спротивно на стратешките интереси на Европската Унија и на Македонија.