Хрватскиот и германскиот министер за одбрана Иван Анушиќ и Борис Писториус во во Берлин потпишаа писмо со намери за испорака на стари хрватски тенкови и оклопни возила во Украина во замена за најмодерните германски тенкови Леопард 2А8 со цел да се изедначат стандардите во НАТО.
Хрватска покажа подготвеност да испрати 30 тенкови и 30 оклопни возила во Украина од сопствените редови. Поддршката за Украина вклучува и испраќање муниција. За овој проект финансиска поддршка ќе даде и Германија рече Борис Писториус, кој ѝ се заблагодари на Хрватска за учеството во коалицијата за помош на Украина.
Како што рече понатаму Писториус, Хрватска ќе работи на модернизирање на оружјето и ќе набави германски тенкови Леопард СА8.
„Истовремено, Хрватска масовно инвестира во модернизација на сопствените вооружени сили и задоволен сум што сака да набави тенкови Леопард 2 А8 за оваа намена. А ние ќе се грижиме за одржување на производствениот капацитет“, рече Писториус и додаде дека тој и неговиот хрватски колега денеска потпишале писмо за намери.
Германскиот министер за одбрана рече дека овој потег е уште еден чекор кон усогласување на вооружените системи во рамките на НАТО, но и кон зајакнување на германската индустрија.
Во соопштението на германското Министерство за одбрана се наведува дека финансиската поддршка на Германија на проектот за испраќање хрватски тенкови и оклопни возила ќе послужи како основа за набавка на германските тенкови Леопард 2А8.
Хрватскиот министер Анушиќ изјави дека тој и неговиот колега Писториус денеска разговарале за „големи работи“.
„Се договоривме да ја замениме нашата опрема со западна опрема: 30 борбени тенкови М84 и 30 оклопни возила М80 ќе бидат испратени во Украина до крајот на годината. Германија ќе ја земе оваа испорака како аванс за купување до 50 тенкови од најновата генерација 2А8, кои веќе ќе почнат да се произведуваат и доставуваат во Хрватска“, изјави Анушиќ по средбата со Писториус во Берлин, додавајќи дека првите испораки на Германските тенкови се очекуваат во 2026 година.
Тој додаде дека по модернизацијата на хрватското воздухопловство и хрватската морнарица, сега се зајакнуваат оклопните сили.
„Хрватска брзо ги прилагодува одбранбените сили на западните стандарди“, рече Анушиќ.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус ја пофали и соработката меѓу Германија и Хрватска во зајакнувањето на источното крило на НАТО.
„Заеднички и решително се спротивставуваме на заканите од Русија, а тоа го правиме со зајакнување на одвраќањето и одбранбените капацитети на источното крило на НАТО“, рече германскиот министер и го спомена учеството на 140 хрватски војници стационирани во Литванија.