Хрватска подготвува четири авиони, Македонија бара рута од Дубаи, откако кризата на Блискиот Исток и нарушениот воздушен сообраќај оставија стотици граѓани заглавени во Обединетите Арапски Емирати. Според последните хрватски информации, се организира враќање на околу 760 државјани од Дубаи, додека македонската амбасада во Абу Даби разгледува можност за репатријација преку копнен премин кон Саудиска Арабија, а потоа со летови од саудиска територија.
Хрватскиот план, според најновата објава, предвидува четири авиони за заглавените државјани во Дубаи. Ова се надоврзува на претходната официјална најава од Загреб дека, доколку се добие дозвола за слетување, ќе биде испратен авион на Croatia Airlines, додека министерството паралелно работи и на дополнителни евакуациски летови. Хрватските власти наведоа дека во ОАЕ има околу 2.000 резидентни државјани, од кои 300 бараат репатријација, како и уште 460 туристи што исто така сакаат враќање дома.
Нашата владанајави дека за евакуација на македонски државјани од Израел ќе го стави во функција владиниот авион што е за 7 луѓе, во момент кога речиси 500 граѓани побарале помош за извлекување од Израел, Катар и Обединетите Арапски Емирати. Тоа е првата конкретна оперативна мерка што ја соопштува државата, но уште во првиот чекор се отвора клучното прашање: дали се работи за реален евакуациски капацитет или за ограничена интервенција што се претставува како поголемо решение отколку што навистина е.
Разликата меѓу двата пристапи покажува и колку е тешко да се организира извлекување во момент кога небото над регионот сè уште не е целосно стабилизирано. Иако во делови од Заливот почна ограничено враќање на летовите, голем број авиокомпании и натаму држат суспензии или работат со силно изменети распореди за Дубаи, Абу Даби, Саудиска Арабија и други блискоисточни дестинации. Затоа и хрватската воздушна операција и македонската копнено-авионска рута зависат од безбедносните процени, дозволите и отворањето на практични коридори за враќање.