Хрватска со драматична победа над Исланд ја отвори втората фаза

„Коцкестите“ славеа со 30-29 во неизвесен натпревар и ги освоија првите бодови во новоформираната група

Ракометната репрезентација на Хрватска успешно го започна настапот во втората фаза, откако во драматичен и неизвесен дуел го совлада Исланд со 30-29. Хрватите имаа контрола врз резултатот во поголемиот дел од средбата, но не успеваа да се одлепат на посериозна разлика.

Клучен момент беше финишот на првото полувреме, кога со серија од 3-0 за првпат дојдоа до плус четири и на одмор заминаа со водство од 19-15. Во вториот дел Хрватска ја одржуваше предноста, иако Исланѓаните во еден период се доближија на само еден гол разлика.

Сепак, Исланд не успеа целосно да се врати во натпреварот, а една од главните причини за поразот беше слабата реализација од седум метри – промашени беа дури четири пенали. Најскапиот промашај дојде во самиот финиш, кога Исланд имаше шанса за израмнување, но наместо тоа Хрватска во следниот напад повторно се одлепи на два гола разлика.

Најефикасен во победничкиот состав беше Мараш со седум погодоци, додека кај Исланд најмногу се истакна Магнусон со осум голови. Со оваа победа Хрватска ги освои првите два бода во втората група и повторно се вклучи во трката за пласман во полуфиналето.

Зачлени се на нашиот е-билтен