Хрватска воведува единствен електронски систем за наплата на патарини од 1 март 2027 година

Хрватското Собрание донесе нов Закон за наплата на патарини, со кој од 1 март 2027 година на сите автопати во земјата ќе се воведе единствен електронски систем. Новиот систем овозможува возилата да минуваат без запирање, дури и со брзини до 130 километри на час, користејќи уред за електронска наплата и автоматско читање на регистарските таблици преку камери.

Сите возачи ќе можат да се вклучат во системот преку националната веб-платформа, мобилна апликација или други дигитални сервиси, а дополнително ќе постојат и физички точки за регистрација. Иако по воведувањето на системот ќе продолжат да постојат наплатни куќички на автопатите, тие ќе функционираат без присуство на лица и без рампи.

Поставувањето на портали и камери веќе започна на автопатот А3, а во наредниот период е предвидено да бидат поставени вкупно 212 портали на мрежата управувана од Хрватски автопати и другите концесионери. Воведувањето на новиот систем се очекува значително да ја подобри проточноста на сообраќајот и да ја олесни возењето низ автопатите во Хрватска.

Зачлени се на нашиот е-билтен