И Атина воведе Безбеден град, само 130 казни за еден ден

Атина веќе го пушти во оперативна примена системот за дигитален надзор во сообраќајот, а првите бројки покажуваат колку брзо може да стигне казната кога контролата ја преземаат „паметни“ камери. Во првите два дена од стартот на системот, во областа Атика биле изречени 130 административни казни, кои почнале да им пристигнуваат на граѓаните по електронски пат.

Системот официјално почнал со оперативна работа во саботата, на 28 март, и е поврзан со државните дигитални сервиси, па известувањата за прекршоците се испраќаат преку платформата gov.gr и апликацијата Gov.gr Wallet. Наместо класичната практика со долго чекање и рачна обработка, прекршокот сега се евидентира, се обработува и стигнува до возачот значително побрзо.

Во пилот-фазата камерите се поставени на осум ризични точки во Атика, а дополнителен надзор има и преку камери во десет автобуси, со цел да се следи и незаконското движење во лентите за јавен превоз. Најчесто регистрираните прекршоци досега се минување на црвено светло и неносење кацига кај мотоциклисти, но системот може да бележи и пречекорување на брзина, користење мобилен телефон при возење, неносење појас, како и движење или запирање во автобуски ленти.

Технологијата работи со автоматско препознавање на регистарски таблички и алгоритамска анализа, преку која се утврдува видот на прекршокот, а надлежните институции потоа можат да проверат и дали возилото е осигурено, дали има технички преглед и дали ги има подмирено обврските за учество во сообраќајот. Грчките власти уште лани најавија дека ова не треба да остане ограничено само на пилот-проект, туку да прерасне во поширока мрежа низ Атика и на национално ниво.

Пораката од Атина е јасна: дигиталниот надзор веќе не е најава, туку пракса. И таму, како и во други европски градови, безбедноста во сообраќајот сè повеќе се врзува со автоматизирана контрола, брза обработка на податоци и казни што не чекаат службеник на шалтер.

Зачлени се на нашиот е-билтен