Компаниите кои сакаат да инвестираат во опрема или инфраструктура преку кредитната линија од унгарската Експорт-импорт банка, обезбедена од Владата, вредна 250 милиони евра, ќе плаќаат камата од 3,25% на македонските банки. Ова ќе биде единствениот трошок што ќе го имаат фирмите за овие кредити, според Министерството за финансии. Од банките наведуваат дека договорот е речиси финализиран, но предлогот на Владата банките да делат дел од товарот за пониска камата не е прифатен.
Покрај ова, државата ќе плаќа дополнителна камата од 3,25% кон унгарската Експорт-импорт банка, што ќе се покрие од буџетот и ќе ја сноси општеството, вклучително даночните обврзници. Ова значи дека вкупниот трошок за кредитот е двојно поголем на ниво на целото општество.
Отворено останува прашањето за рокот на отплата. Владата инсистира на 15-годишен рок со грејс период од три години, додека повеќето банки се држат до свои интерни политики за рокови од седум до десет години.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека преговорите со банките се уште се во тек и Владата има намера да се најде заедничко решение. Неговиот предлог е кредитите да се одобруваат со камата од 3,25%, 15-годишен рок на отплата и три години грејс период, за да се овозможи подолг временски период за поврат на инвестицијата.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на последниот брифинг со новинарите изјави дека каматната стапка за фирмите е договорена на 3,25% и дека останува да се договорат за рокот на отплата, кој според Владата е клучен за поддршка на домашниот бизнис.
Иако дел од банките се подготвени да прифатат подолг рок, оние со странски капитал велат дека промените во интерните процедури се сложени и бараат време. Тие истакнуваат дека за кредити со подолг рок од десет години постои поголем ризик, бидејќи амортизацијата на опремата би завршила пред отплатата.
Банкарите, сепак, велат дека државата може да ги користи овие средства за други намени, како финансирање на буџетскиот дефицит.