Градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, апелира случајот со стомачните тегоби кај учениците од ООУ „Димо Хаџи Димов“ да не се злоупотребува за дневнополитички цели. Тој за 4NEWS изјавил дека и самиот последниве денови има слични симптоми, но нагласил дека е клучно институциите да ги завршат анализите пред да се извлекуваат заклучоци.
„Стомачни тегобии имам и јас деновиве. Настанот не треба да се злоупотребува, не ширете паника, почекајте резултати“, порача Лукровски, повикувајќи на трпение додека траат испитувањата на храната, водата и здравствената состојба на персоналот во училиштето.
Неговиот апел доаѓа во момент кога инспекциските служби спроведуваат вонреден надзор во повеќе училишта во Карпош по пријавите за стомачни тегоби кај ученици, а јавноста очекува официјални информации дали се работи за труење со храна, вирусна инфекција или друг причинител.

