Кандидатот на Левица за Град Скопје, Мециновиќ, најави пакет „радикални мерки“ што, како што вели, ќе бидат спроведени во првите 72 часа по преземањето на градската власт. Примарна цел, според него, е разрскнување на „штетните договори“ кои ја оптоваруваат градската администрација и јавните претпријатија.
„Во првите 72 часа ќе раскинеме сè што ја влече градската каса надолу,“ рече Мециновиќ, посочувајќи го и договорот со кој казина и обложувалници се рекламираат на градските автобуси. „Тоа веќе не смее да биде така. Градската власт не смее да дозволува промовирање на корозивни општествени процеси на својот имот,“ додаде тој, тврдејќи дека ваквата мерка ќе ја подобри и финансиската состојба на ЈСП. „Најатрактивниот рекламен простор во градот ќе биде вратен под стопанисување на јавното претпријатие, а не на приватни маркетинг-агенции кои му оставаат само трошки.“
Во културата, Мециновиќ најави две насоки насочени кон младите: посилно финансирање на Младинскиот културен центар (МКЦ) и основање скопски графити-фестивал. „Сакаме да му дадеме поголема финансиска поддршка на МКЦ. Дел од неговите простории може да се претворат во ‘Скопско рок школо’ – простор каде младите ќе имаат пристап до инструменти, ќе вежбаат и ќе се усовршуваат,“ објасни тој, наведувајќи дека моделот е преземен од слични иницијативи во европски градови.
Најавите доаѓаат во период на засилена кампања и полемика околу управувањето со јавните услуги и буџетските приоритети. Мециновиќ не прецизираше правна рамка и рокови за имплементација на поединечните мерки, но најави „брзи административни постапки“ и јавна ревизија на спорните договори.