Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Иако вети минимална плата од 450 евра, за Мицкоски е чудно што за зголемувањето притискаат од Сојузот на синдикати

Политичка заднина е барањето на работниците да имаат повисоки плати, одговори премиерот Христијан Мицкоски во однос на вчерашната прес-конференција на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на која тој побара Владата да го исполни ветувањето за минимална плата од 450 евра, што најави дека ќе го оствари во првите 100 дена.

Мицкоски вели дека бил информиран оти сè е постапено согласно законот во ребалансот на Буџетот, но за него е чудно што за помалку од два месеци од формирањето на Владата, како што кажа, гледа еден синхронизиран напад кој е спротивен на сите закони, принципи и етики од страна на претседател на синдикат и од страна на претседател на најголемата опозициска партија.

„Ги повикувам членовите на синдикалната организација да не наседнуваат на политички кампањи во рамки на истата, ние сме Влада која набрзо ќе разговара со сите синдикални организации и тука немаме никаков проблем. Јас ја разбирам потребата од зголемување на платите, секој од нас живее од плата, ние не живееме од провизии, криминални тендери, трговски центри, фабрики за марихуана и слично“ рече Мицкоски.

Тој вели дека лично би сакал просечните плати да изнесуваат 5 000 евра, но дека треба да се работи за да се дојде до тоа имајќи ја предвид состојбата во буџетот која била оставена од нивните претходници и од лажните ветувања кои поранешната министерка за труд и социјала од редовите на СДСМ ги дала на синдикалците што, пак, само по себе според Мицкоски носи заклучок дека има многу политика, а малку основа за барање на права на работниците.

На новинарско прашање дали ќе се ревидира зголемувањето на платите на функционерите кои се зголемија за 78 отсто минатата година, а што тој лично го критикуваше, Мицкоски рече дека се подготвува законско решение кое наскоро ќе се најде пред пратениците во Собранието.

„Дополнително зголемување за функционерите нема да има и покрај тоа што законска одлука за следната година има. На мое барање на владина седница ќе донесеме одлука тоа да не се случи“изјави Мицкоски.

Вчера, говорејќи на прес-конференција по повод одбележувањето на 78 години од постоењето на ССМ, Трендафилов посочи дека минималната плата во земјава е најниска во споредба со другите држави од регионот и затоа, како што кажа, итно и неопходно е да се зголеми и да изнесува најмалку 450 евра.

„Владата вети дека во првите сто дена ќе седне да разговара со ССМ за зголемувањето на минималната плата на најмалку 450 евра. Четиристотини и педесет евра не само што е реалност, туку е и неопходно, особено поради тоа што ние укажувавме цело време дека додека ние разговараме дали треба да се зголеми минималецот во Македонија, државите во регионот го зголемуваат со забрзано темпо“,рече првиот човек на ССМ.

Правејќи споредба со државите од опкружувањето, Трендафилов посочи дека во Црна Гора, каде што имаше минимална плата од 450 евра, во наредниот период таа ќе биде зголемена на 600 евра за работниците со средно образование и 800 евра за оние со високо, во Бугарија минималната плата ќе биде 500 евра, а во Србија и Босна и Херцеговина (БиХ), како што кажа, се преговара минималецот да изнесува 500 евра.

„Не смееме да си дозволиме како општество, како држава, како работници, како синдикати, нашите работници да бидат најниско платени и повторно Македонија да биде ‘елдорадо’ како во 2008 година за странски компании кои сакаат да го експлоатираат македонскиот работник“,кажа претседателот на ССМ.

Тој рече дека е оптимист и дека очекува да има средба со премиерот Христијан Мицкоски на која ќе се разговара за ова прашање. Како што информира, ССМ веќе има доставено барање за средба и очекува социјалниот дијалог да се води на маса, а доколку тоа не се случи, секогаш имаат на располагање и други мерки.

Најново