Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ибрахим Беди, еден од најголемите современи уметници со рестроспективна изложба во Националната галерија

Наредната недела, Националната галерија на програмскиот календар го забележа понеделник, 28 октомври 2024 како ден за отворање на ретроспективната изложба на Ибрахим Беди. На изложбата во Чифте амам, со почеток во 20 ч, па се до 21 ноември 2024 ќе бидат изложени дела од сите творешки опуси и фази на Беди Ибрахим, од 80-те години на минатиот век до денес.

Беди Ибрахим целиот свој живот го има посветено на ликовното творештво, како на домашната, така и на меѓународната ликовна сцена, создавајќи релевантни ликовни дела кои ја претставуваат Македонија на глобално рамниште, а своите длабоки творечки искуства како професор на ФЛУ на најпрофесионален и најревносен начин им ги пренесува на младите кадри, кои ја претставуваат иднината на македонската ликовна уметност и култура.                   

Творештвото на Беди Ибрахим е постојано истражување и експериментирање на полето на скулптурата, амбиентот и мултимедијалноста што се темелат врз сопствената традиција и личната историја. Креирајќи нови визуелни изразни можности, ги гради неговиот индивидуален ракопис и автентичната ликовна философија. Неговата уметност е уметност на мислите, еден вид електроенцефалограм преточен во креативна енергија. Деликатниот избор на материјали и неконвенционалната конципираност во реализацијата на делото воспоставуваат активен естетски однос кон просторот како основа во реализацијата на делото. Ретроспективната изложба на Беди Ибрахим во Чифте амам (исламски објект од средината на 15 век, поранешен амам, адаптиран во галериски простор) е сублимат на неговите претходни концепти, т.е. нивно концепциско поврзување. Амамот, со својата специфична архитектонска градба и историја, претставува предизвик за неговата уметничка и концептуална реминисценција во реализацијата на овој проект. Срцевината на концептот за оваа изложба на Беди Ибрахим е во намерата естетски да се обликува и да се артикулира просторот на амамот и да се создаде сопствен визуелно-вербален амбиентален простор во кој минатите дијалози ги преобликува во сопствен монолог за сеќавањето на едно минато време и на тој начин создава ново кажување за идните генерации. Изложбата е составена од повеќе елементи што секој за себе содржат сопствена семантика. Бројните интердијалошки конципирани инсталации и објекти, се восприемаат како збирка мали сказни, кои постапно го пополнуваат монументалниот мозаик на  неисцрпната приказна за културите на Истокот. Супериорноста на неговиот билингвален културен код, со автентичната колоратура, во голема мера ќе влијае на збогатувањето и облагородувањето на македонскиот ликовен контекст.

Со асамблажирањето и монтажата на различните фрагменти, и користењето на еко-материјалите, или на старите дисфункционални реди-мејд предмети, Беди Ибрахим ќе ги артикулира своите статични и мобилни, ефемерни и трајни инсталации и објекти. Тргнувајќи од arte povera, преку site specific и објект артот, спонатно ќе се доближи  до духовниот номадизам. Номадскиот принцип на мислење и творење ќе го регистрираме не само во  делата туку и во неговите изјави.

Различните природни амбиенти на релација Македонија-Турција, се неговиот ателјерски простор. Во нив ги пронаоѓа и ги презема материјалите, им ја втиснува спиритуалната сила трансферирајќи ги од еден, во друг културен топос. Со ефемерните материјали, упорно ја гради и ја разградува архитектониката на својата творечка  кула. Таквиот метод на креирање ја означува играта на постојаното телесно присуство/отсуство. На ефемерноста не и е својствена посесивноста, зашто инсталациите се направени од, и за природата. Природата  е неговиот коавтор, зашто  со  нејзините осцилации и временски мени, Беди им ја овозможува слободата да ги доврши, дообликува, или да ги деструира и да ги подготви за некое идно време, за наредно реинкарнирање, во друг облик, и во друг контекст.

Поетскиот свет на Беди, од неговите први па сѐ до последните дела е исполнет со хуманистичка дарба и со упорна верба во творечкото дејствување во современиот дехуманизиран свет. Како неуморен трагач по нови приказни, тој за нас ја чува ризницата на интеркултурното наследство, облагородувајќи ја нашата сегашност со сељубовта и со семудроста на минатото.

Текст за каталогот, Конча Пиркоска

Куратор на изложбата, Горанчо Ѓорѓиевски

Зачлени се на нашиот е-билтен