– Меѓународниот суд на правдата во Хаг (ИЦЈ) денеска го отфрли барањето на Никарагва да и наложи на Германија да ја прекине воената и друга помош за Израел и да го врати финансирањето на хуманитарната агенција на ОН во Појасот Газа.
Според највисокиот суд на Обединети нации не се исполнети законските услови за донесување таква наредба.
На сослушувањата за случајот, Германија тврдеше дека извезувала многу малку оружје во Израел откако земјата ја почна офанзивата врз Појасот Газа, по смртоносниот напад на палестинските екстремисти на Хамас во јужен Израел на 7 октомври.
Никарагва, долгогодишен сојузник на Палестинците, тврдеше дека Германија го овозможува геноцидот во Појасот Газа со испраќање оружје и друга поддршка на Израел.
Тужбата на Никарагва против Германија е последниот правен обид на земја со историски врски со Палестинците да ја запре израелската офанзива.
На крајот на минатата година, Јужна Африка го обвини Израел за геноцид пред ИЦЈ. И двата процеса беа започнати во време кога сојузниците на Израел се соочуваат со зголемени апели да престанат со снабдување со оружје за Израел.