Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Питер Лернер денеска изјави дека израелскиот напад врз бегалскиот камп Џабалија во Газа беше воено неопходен и дека тоа е легитимна цел со оглед на тоа што таму се наоѓаше командант на Хамас.
-Знаеме дека тој е озлогласен терорист, изјави Лернер за Си-ен-ен, мислејќи на Ибрахим Бијари, за кој ИДФ кажа дека е убиен во нападот и го опиша како еден од командантите на Хамас одговорен за нападот врз Израел на 7 октомври.
Според него, Бијари повторно би го направил истото доколку му се укаже шанса.
-Постои јасна воена потреба. Кога имате терорист, озлогласен терорист, опкружен со десетици негови поддржувачи, кои планираат да извршат повеќе напади, тогаш тие се легитимна цел, истакна Лернер.
Портпаролот на Хамас негираше дека Бијари бил таму, велејќи дека израелскиот напад е „гнасно злосторство врз цивили, деца и жени“.
Во нападот врз бегалскиот камп Џабалија загинаа десетици лица.