Приказната за идиличен грчки остров што нуди бесплатно сместување и по 500 евра месечно повторно се прошири низ медиумите, но зад атрактивниот наслов стои многу потесна и поспецифична иницијатива. Станува збор за Антикитера, мало и изолирано грчко острово со само неколку десетици постојани жители, каде со години се разгледува план за населување нови семејства за да се ублажи падот на населението.
Во најчесто пренесуваната верзија од приказната се споменуваат куќа и месечна поддршка од 500 евра, но јавно достапните извори покажуваат дека не станува збор за отворен повик за секој што сака да се пресели. AFP во проверка на фактите објави дека локалните власти уште во 2023 година појасниле дека станува збор за ограничен план за мал број семејства, а не за општа покана за доселување.
Програмата сè уште не примила семејства бидејќи куќите не биле завршени поради административни и градежни доцнења. Во истиот текст се наведува дека иницијативата била насочена кон неколку семејства со деца и со практични вештини што би биле корисни за животот на островот.