Компанијата Starship Technologies, основана од Ахти Хеинла, еден од креаторите на софтверот Skype, планира да ја направи домашната достава со роботи достапна за сите – дури и во мали градови и села каде што досега тоа не беше возможно.
Нивниот стартап веќе реализирал осум милиони достави со само 200 вработени, а целта е бројот значително да се зголеми, пренесува The Guardian.
Жителите на Манчестер, Лидс, Кембриџ, како и на многу градови во Финска и Естонија, веќе се навикнати роботите да им носат намирници директно на домашна адреса. Роботите-доставувачи станаа толку вообичаени што се појавија дури и на забавата во резиденцијата на британскиот премиер во Даунлинг Стрит 10.
Starship моментално соработува со големи компании како Bolt, британскиот синџир Co-op и американската платформа Grabhub, а се верува дека поседува најголема флота на автономни доставни возила во светот.
Хеинла нагласува дека роботите не им ги одземаат работните места на луѓето, туку помагаат да се одговори на растечката побарувачка за достава, додека работниците се фокусираат на посложени задачи.
„Роботите не ги заменуваат луѓето – тие помагаат на помалите продавници да опстанат и да им понудат повеќе опции на своите купувачи“, вели Хеинла.