Илијана Јотова официјално ја презеде функцијата претседател на Бугарија, откако Уставниот суд ги суспендираше овластувањата на досегашниот претседател Румен Радев по неговата оставка.
Јотова, која досега ја извршуваше функцијата потпретседател, ја презема највисоката државна должност согласно уставната процедура. Таа беше избрана за потпретседател во јануари 2017 година и ја извршуваше функцијата во двата мандата на Радев.
Во своето прво обраќање како претседателка, Јотова му се заблагодари на Радев за, како што рече, деветгодишната соработка и заедничката работа во интерес на граѓаните и во рамките на Уставот.
„Ќе продолжам да ја извршувам функцијата со целосна посветеност и одговорност“, порача Јотова.
Румен Радев, пак, ѝ се заблагодари за професионалниот однос и соработката, по што беше свечено испратен од Претседателството. Веднаш потоа, Јотова ги презеде државничките обврски.
Според Уставот на Бугарија, таа ќе ја извршува функцијата претседател до истекот на мандатот за кој беше избран Радев, односно до јануари 2027 година. Иако должноста ја презема предвреме, мандатот не се продолжува.
Во 2026 година се предвидени редовни претседателски избори, на кои Јотова ќе може да се кандидира за свој целосен мандат, но засега останува на функцијата како шеф на државата до истекот на актуелниот мандат.