Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Илјадници луѓе по улиците на Братислава, што се случува со владата на Фицо?

Фото: X/@Dios_svk

Илјадници словачки граѓани излегоа на улиците на Братислава да протестираат против низата контроверзни одлуки на владата, кои според демонстрантите се доказ за ерозијата на владеењето на правото и демократските слободи во земјата.

Во последните денови, три настани предизвикаа фрустрации во коалициската влада на Роберт Фицо, во која неговата левичарска националистичка партија Смер се потпира на коалиционите партнери, вклучително и ултранационалистичката Словачка национална партија (СНС).

Првиот настан беше чистката на директорите на Словачкиот национален театар и Национална галерија од страна на десничарската министерка за култура Мартина Шимковичова, која потекнува од СНС. Таа ги оправда нивните отпуштања со наведување на „политички активизам“, како и приоритет на странските пред словачките изведувачи во културните институции. Нејзините противници ја обвинија за брутална контрола на изразувањето.

Второ, маневрирањето на министерот за правда Борис Сушко за ослободување на поранешниот специјален обвинител Душан Ковачик од затвор минатата среда. Во 2022 година, Ковачик беше осуден на 14-годишна затворска казна, подоцна намалена на осум, за примање поткуп од 50.000 евра. Министерот за правда на Фицо поднесе вонредна жалба до Врховниот суд за да се обезбеди неговото ослободување, мерка што политичките противници ја опишуваат како без преседан.

И третиот настан беше кога Фицо објави дека ќе ја распушти Националната агенција за борба против криминал, специјална агенција која се занимава со сериозен криминал и корупција и која води случаи во кои е вклучен и самиот премиер.

Организаторите на протестите велат дека на улиците на Братислава имало околу 20 илјади граѓани против ваквите чекори на владата.

„Изминатите денови видовме дека оваа влада ги напаѓа нашите институциите, владеењето на правото и правдата и на крај слободата на уметност и култура“ изјави Лусиа Јар, европратеничка од опозициската либерална партија Прогресивна Словачка.

Таа додаде дека граѓаните реагираат, опозицијата реагира и сите треба да се спротивстават на ваквите чекори на владата.

Партијата Прогресивна Словачка бара вонредни собраниски седници на кои би се гласала доверба за министрите Шимковичова и Сушко.

Партијата на Фицо, заедно со коалиционите партнери во моментов имаат 79 од вкупно 150 пратеници во Парламентот, што значи дека изгласувањето недоверба нема да биде лесно, но Јар изјави дека ситуацијата не сјајна во владината коалиција.

„Слушаме дека луѓето во владата не се многу среќни со тоа што се случува, бидејќи овие чекори се без преседан во државата“ изјави Јар.

Ова не е прв пат владата на Фицо да се соочува со масовни протести. Во 2018 година, Фицо мораше да се повлече по серија на протести поттикнати од убиството на истражувачкиот новинар Јан Кучак и неговата девојка Мартина Кушнирова.

Фицо води жестока националистичка политика со западно-скептични позиции, избегнувајќи секакви сериозни последици од Брисел.

Тој за влакно избегна обид за атентат во мај, кога беше застрелан од непосредна близина во стомакот додека ги поздравуваше поддржувачите во градот Хандлова.

Во текот на изминатите месеци, тој спроведе контроверзни судски реформи, вклучително и промени во Кривичниот законик и распуштање на Специјалното обвинителство. Овој потег предизвика жестока осуда и протести во текот на зимските месеци.

Од ЕУ засега нема најави дека ќе ги сопрат финансиите за Словачка и покрај назадувањето во владеењето на правото, како што тоа го направи со Унгарија.

Но, експертите велат дека станува сè потешко за Брисел да замижува пред бранот реформи кои предизвикуваат поделби во Словачка.

„Европската комисија беше многу внимателна да не повлече линија на напад на словачката влада, што беше тешко поради неодамнешниот обид за атентат врз самиот Фицо“, изјави Антон Списак, политички аналитичар во Центарот за Европска реформа, за Euronews.

„Тие мора да повлечат многу внимателна линија помеѓу легитимното критикување на постапките на владата, кои се во спротивност со некои од основните принципи на ЕУ, а притоа тоа да не изгледа како омраза кон самиот Фицо. Но, мислам дека со овие последни дејствија, кои изгледаат како многу отворен и бесрамен напад врз институциите на државата, Комисијата ќе мора порано или подоцна да дејствува“, предвидува Списак.

Најново