Поради руските напади врз енергетската инфраструктура, илјадници Украинци во близина на линијата на фронтот – на југ и на исток – останаа без електрична енергија, соопшти денеска Министерството за енергетика во Киев.
На југ, бомбардирањето го прекина снабдувањето со електрична енергија на повеќе од 28.000 потрошувачи во градот Херсон, кој руската армија го гаѓа речиси секојдневно, и околу 3.000 други, објави Министерството на Телеграма.
Во регионот Харков, на исток, нападот ја оштети и инфраструктурата и остави повеќе од 17.600 потрошувачи без струја.
Во регионот на Доњецк, исто така на исток, руското бомбардирање го оштети високонапонскиот вод, а во градот Костјантиновка струја нема во 122 локалитети, се вели во соопштението.
Украина очекува нова серија руски напади врз енергетската мрежа, како минатата зима, кога милиони беа без греење и струја.
Русија складира проектили за напади врз украинската инфраструктура во зима, изјави во четвртокот украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Мислам дека сме подобро подготвени за зимата отколку порано. Но, не мислам дека Русија ќе користи помалку оружје. Зимата ќе биде тешка“, рече Зеленски.