Илон Маск повика на укинување на Европската унија

Илон Маск

Американскиот милијардер и сопственик на платформата Икс (X), Илон Маск, повика на укинување на Европската унија (ЕУ) по казната од 120 милиони евра што му беше изречена на социјалната мрежа.

Европската комисија смета дека платформата ги прекршила правилата од Европскиот закон за дигитални услуги.

„ЕУ треба да се укине, а суверенитетот да им се врати на земјите за владите подобро да ги претставуваат своите граѓани“, напиша Маск на Икс, кој претходно беше познат како Твитер.

Тој оцени дека оваа „неразумна“ казна не била упатена само кон Икс, туку и лично кон него.

„Ја сакам Европа, но не и бирократското чудовиште што е ЕУ“, додаде Маск, споредувајќи ги европските комесари со тајната полиција на поранешна Источна Германија – Штази.

Маск не беше единствениот што реагираше по казната кон Икс.

Шефот на американската дипломатија, Марко Рубио, оцени дека казната на Европската комисија „не е само напад врз Икс, туку напад врз сите американски технолошки платформи и американскиот народ“.

Како што пренесуваат француските медиуми, неколку европски политичари и дипломати застанале во одбрана на ЕУ.

Потпретседателката на Европската комисија задолжена за дигитализација, Хена Виркунен, изјави дека казната нема никаква врска со цензура на платформата.

„Не сме тука за да изрекуваме највисоки казни, туку за да обезбедиме почитување на нашите дигитални закони“, рече таа.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро истакна дека транспарентноста е задолжителна за големите платформи во Европа.

„Правилата се исти за сите. TikTok ги прифати, Икс ги одби. Европската комисија презеде мерки – и тоа со право. А ова е само почеток“, додаде тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен