Има разлика во изјавите на британската амбасада од мај и од вчера за мигрантските кампови во Македонија

мигрантски
Насловната страница на угледниот британски „Тајмс“ со текстот „Failed Asylum seekers could be deported to North Macedonia“

Откако најголемите британски медиуми синоќа објавија дека британскиот премиерт Стармер постигнал договор со македонската влада за градење на бегалски кампови во замена за британскиот кредит кој и беше ставен на располагање на Македонија, планот на британската влада за т.н. „центри за враќање“ на мигранти повторно ја отвори чувствителната тема за тоа дали Македонија може да стане дестинација за лица чии азилни барања се одбиени во Обединетото Кралство.

Додека дел од британските медиуми објавуваат дека Лондон започнал формални преговори со Скопје за воспоставување таков центар на наша територија, македонската влада останува на ставот дека во земјата нема да има мигрантски кампови и дека договорот со Британија се однесува исклучиво на полициска соработка и заштита на границите.

Во брзата реакција да го изгаси огнот што го поттикна темата Владата вчера се повика на изјавата на британскиот амбасадор Метју Лосон од мај оваа година.

„Ваквиот напис е за внатрешно-политичка употреба. Единствената вистина е таа што ја кажа и амбасадорот на Британија во Македонија Метју Лосон во јавна изјава во мај, кога категотично ги отфрли тврдењата дека Македонија ќе прифаќа мигранти“,изјави портпаролката на Владата Марија Митева за порталот СДК.мк.

Да потсетиме, во таа изјава амбасадорот Лосон тогаш рече:

„Не се работи за тоа дека ќе се прифаќаат мигранти од Британија. Ова е широко партнертство во однос на безбедноста, трговијата, одбраната, инвестициите. Знам дека има многу шпекулации во медиумите на оваа тема, но овде не се работи за тоа“, истакна Лосон на заедничката прес – конференција со премиерот Хростијан Мицкоски по повод постигнатата согласност за договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.

Но, има голема разлика меѓу главните поенти на изјавата од мај оваа година – „Не се работи за тоа дека ќе се прифаќаат мигранти од Британија“, и објавата на британската амбасада на платформата „Х“, каде што се вели:

„Двете држави соработуваат преку Заедничката единица за миграција, во борбата против нерегуларната миграција и организираниот миграциски криминал, засилувајќи ја безбедноста и преземајќи мерки против криминалните мрежи“.

Во оваа изјава на британската амбасада нема објаснување што опфаќа тоа дека „Двете држави соработуваат преку Заедничката единица за миграција, во борбата против нерегуларната миграција“. Оваа изјава е многу различна делот од изјавата на амбасадорот Лосон од мај кадешто вели „Не се работи за тоа дека ќе се прифаќаат мигранти од Британија“.

Инаку темата вчера ја отворија најголемите британски медиуми. Според написите во британската печатена и онлајн сцена, планот на владата на Кеир Стармер предвидува нелегалните мигранти кои стигнуваат во Британија, откако ќе им биде одбиен азилот и ќе ги исцрпат сите жалбени постапки, да бидат префрлани во трети земји – меѓу кои и Македонија. Наместо тие лица да останат на британска територија, би биле депортирани во држави партнери, каде би добиле можност да побараат азил или работна виза.

Во овие текстови, меѓу кои и на угледниот британски „Тајмс“ со наслов „Failed Asylum seekers could be deported to North Macedonia“, се наведува дека разговорите меѓу Лондон и Скопје започнале есенва, како дел од поширока група преговори што Британија ги води со неколку држави од Западен Балкан и други региони. Мерките се претставуваат како дел од стратегијата на премиерот Стармер да го обесхрабри опасното преминување на Ламанш со мали чамци – криза за која официјален Лондон признава дека засега нема „ефективно средство за одвраќање“.

Зачлени се на нашиот е-билтен