Здравствениот инспекторат утврди низа пропусти во третманот на седуммесечното бебе кое почина на Детската клиника. Извештајот покажува дека на клиниката сè уште не е решен проблемот со задолжителното присуство на специјалисти во дежурната амбуланта, и покрај тоа што за овој недостаток веќе се води прекршочна постапка.
Дополнително, медицинската документација продолжува да се креира од доктори кои не се присутни на работа – практика за која инспекторатот претходно издаде решение. Констатирани се и неправилности во приемот на итни пациенти, поради што клиниката и одговорното лице се соочуваат со парични казни.
Здравствениот инспекторат најави дека ќе побара од Министерството за здравство да формира посебна комисија за стручен надзор, која ќе го испита начинот на кој било лекувано бебето.
Ова е четврти смртен случај на Детската клиника во последните неколку месеци, што дополнително го отвора прашањето за одговорноста и условите во здравствената установа.