Новиот национален координатор за демографија во Владата, Влатко Ѓорчев, во анкетниот лист што го доставил до Државната комисија за спречување на корупција навел дека поседува недвижнини од половина милион евра и акции во компании од САД.
Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ пријави станбена куќа од 250.000 евра во Бардовци, стан во Кисела Вода со вредност од над 150.000 евра, а од 2022 како подарок добил куќа од околу 40.000 евра и земјиште во трстеник од 53.000 евра.
Некогашниот гласноговорник на својата партија има акции во пет американски и една германска компанија. Најголемиот удел номинално му вреди околу 275.000 долари во фонд на „Стандард и Пурс“ од САД. Останатите удели се со далеку помала вредност.
Од возила, има „фолксваген шаран“ со актуелна вредност од 25.000 евра и „фиат 500“ со моментална проценета вредност од 12.000 евра.
Има шест девизини и трансакциски сметки во земјата и две трансакциски сметки во Хрватска. Во анкетниот лист е наведена дивиденда во износ од околу 2.000 евра. Објавено е името на неговата маркетинг агенција – Г4 Стратегиес анд солутионс.
Платата која ќе ја добива како национален координатор е 112.279 денари нето.