Инфлацијата ги изела македонците во 2025

Трошоците на живот во 2025 година, во однос на 2024 година, пораснале за 4,1%, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Паралелно, индексот на цените на мало бележи годишен раст од 3,6%, што значи дека лани граѓаните ја почувствувале инфлацијата и преку секојдневната кошница, и преку поширокото движење на малопродажните цени.

Најсилен годишен раст во 2025 е регистриран кај групите „Ресторани и хотели“ (7,2%) и „Рекреација и култура“ (6,4%), по што следат „Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици“ (5,9%) и „Храна и безалкохолни пијалаци“ (5,2%). Пораст има и кај „Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата“ (4,6%) и „Разновидни стоки и услуги“ (3,7%), додека кај „Транспорт“ растот на годишно ниво е значително помал (0,8%). Stat.mk

Само во декември 2025, во однос на ноември 2025, инфлацијата изнесувала 0,4%. Статистиката наведува дека месечниот раст најмногу е повлечен од „Транспорт“ (5,8%), а нагорни притисоци имало и кај „Рекреација и култура“, „Здравје“ и дел од услугите. Во истиот месец, „Храна и безалкохолни пијалаци“ се намалиле за 0,4%, а „Облека и обувки“ за 0,2%, што делумно го ублажило растот на вкупниот индекс.

На годишна споредба за декември (декември 2025 во однос на декември 2024), индексот на трошоците на животот повторно покажува раст од 4,1%, додека индексот на цените на мало бележи зголемување од 3,7%. Тоа практично значи дека крајот на годината ја затекна економијата со сличен инфлаторен интензитет како и годишниот просек, со најизразени притисоци кај услугите и храната.

Во истото соопштение, Државниот завод за статистика најавува и методолошка промена што стапува во сила од јануари 2026 година: индексите ќе се структурираат според новата европска класификација ECOICOP (верзија 2), усогласена со UN COICOP 2018. Тоа е техничка, но важна промена, бидејќи во наредниот период споредбите по групи може да добијат поинаква структура и тежини.

Извори: Државен завод за статистика

Зачлени се на нашиот е-билтен