Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Иницијатива за нова спомен-плоча и за отворање легат за Мисирков во Одеса 

Партијата Македонски концепт ќе упати барање и ќе се координира со новите министри за надворешни работи и за култура за да се постави нова меморијална плоча и да се отвори легат за Крсте Петков Мисирков во Одеса, а исто така и да се разгледа можноста за отворање  македонски конзулат во тој украински град.

Претседателот на Македонски концепт, Петар Богојески, и потпретседателот Самуел Наумовски Викиус, иницирале средба со градоначалникот на Одеса,  Генадиј Труханов, и со директорот на Одделот за култура, меѓународни односи и европска интеграција, Иван Липтуга, за да се дискутира за македонското културно-историско наследство во Украина и, конкретно, во Одеса.

-Во фокус на разговорот беше спомен-куќата во која живеел и творел македонскиот апостол и борец за македонската кауза, Крсте Петков Мисирков. Дискутиравме за достојно одбележување на неговото име и дело со поставување нова меморијална плоча на куќата каде што Мисирков живеел од 1909 до 1913 година, на улица „Канатна“ број 28. Македонски концепт побара таа да биде задолжително и на македонски јазик и на неа да биде изгравирано македонското знаме, соопшти денеска Македонски концепт. 

Општината Одеса, како што наведуваат, ја поддржала таа идеја и било дадено ветување дека постапката ќе почне наскоро. 

-Дополнително, побаравме отворање легат (спомен-соба) на Мисирков, со помош на македонската Влада и документација која може да се најде во украинските архиви. Исто така, ја разгледавме можноста за отворање македонски конзулат на ова свето место за нас, Македонците, и за македонската кауза, информира партијата на Богојевски. Додаваат дека нивните домаќини во Украина се подготвени за можноста и некоја од улиците во Одеса во иднина да биде именувана по Мисирков.

Како што информира, од општината Одеса одлучиле да почнат со истражување во нивните архиви со цел да најдат што е можно повеќе информации за делото и трагите на Мисирков и за сегашниот сопственички статус на Куќата музеј на архитектурата и историјата. 

Зачлени се на нашиот е-билтен