Речиси една година по донесувањето на Законот за употребата на македонскиот стандарден јазик, Инспекторатот кој треба да го штити јазикот – сè уште нема ниту еден инспектор. Наместо конкретни рокови, одговорност и резултати, директорката на Инспекторатот, Менче Андреева, во одговорите за Рацин.мк нуди долга хронологија на административни чекори, стратегии и планови – но без суштински одговори на клучните прашања.
„Со процесот на основање на Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик започнавме еден историски чин кој е од огромно значење за заштита и зачувување на македонскиот стандарден јазик. Во изминатиов период максимално се вложив да се обезбедат сите административни и технички услови за Инспекторатот да започне со работа“, вели Андреева.
Што се работело девет месеци – и зошто Инспекторатот не беше оперативен?
Прашање на Рацин.мк:
Зошто Инспекторатот почнува да функционира речиси една година по Законот?
Одговор на Андреева:
Се работело на усогласување на законите, на стратешки планови, систематизација, просторни и технички услови.
„Најпрвин, соочувајќи се со новиот Закон за инспекциски надзор, беше неопходно да се направи усогласување на двата закони, Законот за употребата на македонскиот јазик со Законот за инспекциски надзор и откако ги помина собраниските процедури, започнавме со работа како орган во состав на Министерството за култура и туризам. Веднаш потоа работев на актите за внатрешна организација и систематизација на Инспекторатот, односно донесовме Стратешки план 2025-2027 година и Годишен план за работа на Инспекторатот за 2025 година, а во меѓувреме се посветивме на просторното и техничко уредување.“ вели Андреева.
Што недостига:
Нема одговор зошто ова не било направено навреме, ниту кој е одговорен за деветмесечниот вакуум во кој Законот постоеше – но никој не го спроведуваше.
Дали Инспекторатот беше подготвен кога Вие станавте директорка?
Прашање:
Дали Инспекторатот беше правно, кадровски и административно подготвен?
Одговор:
„Од самиот почеток, на располагање на Инспекторатот беа ставени сите административни кадри од надлежното Министерство за култура и туризам така што сите институционални постапки кои ги започнавме, а беа законски обврски неопходни за функционирање на Инспекторатот, успешно ги завршивме. Меѓу другите административни постапки беше поднесена Измена на Планот за систематизација на работни места на Министерството за култура и туризам и усвоена од страна на Министерството за јавна администрација во која прецизно се дефинирани работните места на Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик.“, вели Андреева.
Андреева индиректно признава дека Инспекторатото не бил подготвен – недостасувале усогласувања, акти, систематизација и кадар.
Што недостига:
Нема јасна оценка за состојбата што ја затекнала, ниту објаснување зошто Инспекторатот бил формиран без основни предуслови за работа.
Кој е вистинскиот институционален застој?
Прашање:
Подзаконски акти, кадар или политичка волја?
Одговор:
Нема одговор.
Што недостига:
Нема преземена одговорност. Сè се сведува на бирократска процедура, без политички контекст и без критичка дистанца.
Усогласеност со Законот за инспекциски надзор – формално, но не и суштински
Прашање:
Дали Инспекторатот е целосно усогласен со Законот за инспекциски надзор?
Одговор:
„Приоритетна цел за нас во моментов, е вработување на инспектори по македонски јазик, правиме напори да се случи тоа што поскоро и целосно сме насочени кон екипирање на Инспекторатот“, одговара Андреева.
Апсурдот:
Инспекторат без инспектори е институција без надзорна моќ. Усогласеност на хартија, нефункционалност во реалноста.
Кој е одговорен што нема инспектори?
Прашање:
Кој е виновен за доцнењето?
Одговор:
„Постапката е законска и не зависи од мене.“
Што значи ова:
Никој не е виновен. Одговорноста се разводнува меѓу закони, обуки и рокови – додека Законот за јазикот не се спроведува.
Може ли Инспекторатот да врши надзор без инспектори?
Прашање:
Дали може да изрекува санкции?
Одговор:
Нема директен одговор.
Факт:
Без инспектори нема ниту надзор, ниту санкции, ниту заштита на јазикот.
Петчлен Инспекторат со нула инспектори
Прашање:
Кога ќе се вработат инспектори?
Одговор:
„Законската постапка за вработување на инспектори е опфатена во Законот за инспекциски надзор според кој, по нивното вработување инспекторите треба да посетуваат обука од една година, после една година да полагаат испит за инспектор и да се стекнат со лиценца, во нашиов случај, да се стекнат со лиценца за Инспектор по македонски јазик. Постапката е законска и се однесува на сите инспектори и секако, не зависи од Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик и од мене како директор. Ние ќе ги испочитуваме сите законски обврски без разлика колку време ќе биде потребно и максимално сме вложени да стигнеме до целта, односно да екипираме Инспекторат кој ќе функционира и ќе биде достоен на задачата.“
Реалност:
Законот важи, но нема кој да го спроведе – уште најмалку една година, поради задолжителната обука и лиценцирање.
Претставки од граѓани – каде завршуваат?
Прашање:
Дали се примаат претставки?
Одговор:
Нема директен одговор:
„Инспекторатот работи одговорно и транспарентно во рамките на своите реални можности. Направивме наша веб локација како дел од веб страната на Министерството за култура и туризам каде што граѓаните можат да ги најдат нашите основни податоци, како адреса на која што сме сместени и мејл адреса на која можат да ни испратат своите прашања и забелешки. Започнавме еден мошне сложен процес на формирање на Инспекторатот и максимално сме вложени да основаме Инспекторат кој ќе стои на браникот на нашиот македонски стандарден јазик.“
Клучното што недостига:
Нема одговор дали и како тие претставки се обработуваат. Без инспектори, тие фактички се – мртва пошта.
Буџет без резултат
Прашање:
Дали има обезбедени средства?
Одговор:
Не се наведуваат конкретни суми, ниту што точно е потрошено.
Прашање без одговор:
Како е можно институција да има буџет, а да нема основна функција?
Кој го следи Законот во меѓувреме?
Прашање:
Кој врши контрола додека Инспекторатот не функционира?
Одговор:
Нема.
Од сето ова произлегува дека и покрај декларативно „историскиот чин“, Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик во моментов е институција без реална моќ. Одговорите на директорката повеќе зборуваат за процедури отколку за одговорност, а јазикот што треба да биде заштитен – останува без заштитник.
Македонскиот стандарден јазик има Закон.
Има Инспекторат.
Но сè уште – нема инспекција.
А без неа, законот останува само уште еден текст на хартија.