По вчерашниот инцидент на Меѓународниот аеродром во Скопје при безбедносна проверка на претседателката на Косово, Вјоса Османи, со реакции се јавија македонското МВР, Кабинетот на собранискиот спикер Африм Гаши, Кабинетот на претседателката, косовското МНР, Аеродромот во Скопје, но вистинската и конечна верзија сè уште е енигма за граѓаните.
Сепак иако постојат различни верзии за инцидентот, засега сите потврдуваат дека имало инцидент и дека било присутно обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши.
Но да одиме со ред.
Како што првично соопштија од МВР, додека претседателката на Косово, Османи поминувала на гранична контрола на пунктот за безбедносна проверка во ВИП – салонот, вработен во ТАВ побарал нејзиниот телефон и рачен багаж да помине низ скенер, но член од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ. Сепак, рачниот багаж и телефонот биле вратени и поминале низ скенерот.
-Половина час потоа, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието Гаши (полициски службеник) со уште две лица (полициски службеници) и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој и направил проблем на косовската претседателка, рекоа во текот на вчерашниот ден од МВР.
Од МВР уште информираа дека веднаш бил известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со обвинителството при Одделнието за борба проитв организран криминал се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што, како што најавија, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Во соопштението на ТАВ Македонија пак се наведува дека Одделот за Обезбедување на ТАВ Македонија постапило во рамките на своите овластувања и спровело стандардна проверка на претседателката на Косово Османи и на нејзиниот багаж на пунктот за безбедноста проверка во ВИП – салонот, со што, посочуваат, воопшто не бил загрозена авијациската безбедност и безбедноста на патниците.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, синоќа преку соопштение демантираа било каква вмешаност на членови на неговото лично обезбедување во инцидентот на скопскиот аеродром, туку тие биле присутни за да се смират ситуацијата настаната од недоразбирањето меѓу обезбедувањето на претседателката на Република Косово, Османи, и припадниците на аеродромското обезбедување.
Од кабинетот на претседателката Османи синоќа излегоа со реакција, во која го осудија однесувањето на вработените на македонскиот аеродром, бидејќи, според кабинетот, е спротивно на секоја меѓународна практика кога шефовите на држави патуваат се заштитени со дипломатски привилегии и имунитети.
-Спротивно на меѓународните практики и Виенската конвенција за дипломатски односи, обезбедувањето на скопскиот аеродром се обиде да и го одземе личниот телефон на претседателката. Претседателката не дозволила такво нешто, бидејќи тоа би било сериозно прекршување. И покрај образложението на правилата што тимот на претседателката му ги соопштил на аеродромскиот службеник, тој се обидел физички да ја турне претседателката, при што луѓето од косовската полиција биле принудени да реагираат за да се отвори патот“, се вели во реакцијата на Беким Купина, советник за медиуми во Претседателството.
Понатаму во реакцијата се вели дека имало арогантното и насилничко однесување на службеникот на скопскиот аеродром, кое никогаш не се случило на ниту едно патување на претседател никаде во светот, вклучително и во земјите кои не го признале Косово.
-Јасно се забележува дека во предметниот случај имаше тенденција да се испровоцира делегацијата на Република Косово и да се предизвика инцидент, се наведува понатаму во реакцијата. Треба да се напомене дека по влегувањето на претседателката во авионот, скопскиот аеродром не дозволил комерцијалниот авион да полета повеќе од еден час, под изговор дека словенечката држава не дозволува полетување, бидејќи не бил подготвен за слетување. Кабинетот на претседателот стапи во контакт со словенечката страна, која не информираше дека такво нешто апсолутно не е точно и дека авионот ќе може да слета во предвидениот термин. Претседателството го смета секој напад и нерегуларно постапување во спротивност со меѓународните конвенции на високи државни функционери како напад врз самата држава Косово. Република Косово никогаш во својата историја не се однесувала на таков начин кон претседатели, премиери или министри на Северна Македонија или која било друга земја, ниту пак некогаш ќе дозволи такво нешто“, посочија од кабинетот на косовската претседателка.
Од ТАВ Македонија пак денеска категорично ги отфрлаат наводите дека вработен од одделот за
обезбедување се обидел да го одземе телефонот на претседателката Османи.
-Телефонот и беше побаран со цел да се подложи на задолжителен безбедносен скрининг преку уредот за рентген. Согласно Документот 30 (Doc.30) на ECAC и Националната програма за безбедност на цивилното воздухопловство, сите патници, кабински багаж и нивните лични предмети со кои патуваат на комерцијален лет, како во овој пример, се предмет на безбедносен преглед. Доколку не сме усогласени со овие правила, пилотот на летот ќе го одбие влегувањето во авион на патникот. Виенската конвенција за дипломатски односи ги ослободува од безбедносен преглед само официјалните гости на Владата на Република Северна Македонија, а операторот на аеродромот добива официјално известување за таквите изземања од Министерството за внатрешни работи. Насоките што ги доби нашиот Оддел за обезбедување од страна на Одделот за заштита на одредени лица и објекти јасно кажуваат дека членовите на делегацијата мора да поминат стандардна безбедносна проверка во согласност со утврдените процедури, се вели во нивното соопштение.
Со реакција денеска излезе и Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово и изрази загриженост поради синоќешниот инцидент што ѝ се случи на косовската претседателка Османи на скопскиот аеродром, за кој вели дека почнало да собира информации за случајот.
Нарекувајќи го „недостоинствен“ односот на аеродромското обезбедување кон Османи, косовското МНР во денешното соопштение наведува дека побарало официјални појаснувања во врска со инцидентот од амбасадата на Северна Македонија во Приштина и од македонското МНР.
– Министерството за надворешни работи и дијаспора со загриженост дозна за инцидентот предизвикан на скопскиот аеродром во врска со недостоинствениот однос кон претседателката на Република Косово, др. Вјоса Османи. Министерството за надворешни работи и дијаспора, преку Амбасадата на Косово во Скопје, започна со собирање информации и уште од раните утрински часови бара официјални појаснувања од амбасадата на Северна Македонија во Приштина и од Министерството за надворешни работи на Северна Македонија. Министерството за надворешни работи ќе ја информира јавноста за понатамошните активности, за да се расчисти оваа ситуација и да се погрижи во иднина да не се случуваат вакви инциденти во однос на шефовите на нашата држава, се вели во соопштението на косовското МНР.
С.Т.