Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Северна Македонија е една од најуспешните приказни во програмата Еразмус+ на ЕУ

Северна Македонија е една од најупешните приказни на европската програма Еразмус+. Како активен учесник во програмата на студентска мобилност и за проекти во сите степени на образованието, тоа што ја издвојува од другите држави во регионот е што уште од самиот почеток има статус на програмска земја и е на еднакво рамниште со останатите земји-членки на Европската унија. Во 2023 година буџетот на Еразмус+ за земјата изнесуваше 6,4 милиони евра и секоја година е во пораст.

Зоран БОЈАРОВСКИ

„Европската програма Еразмус+ беше и ќе биде една од најуспешните приказни за нас. Северна Македонија е активен учесник во програмата на студентска мобилност, а тоа што ја издвојува од другите држави во регионот е што уште од самиот почеток има статус на програмска земја и е на еднакво рамниште со останатите земји-членки на Европската унија“, објави заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани на еден од вебинарите на кои се дебатираше за програмите, приоритетите и новостите поврзани со новиот циклус на Еразмус програмата, за периодот 2021-2027 година.

Во 2023 година, како дел од циклусот на Еразмус + 2021 – 2027 без издвоени 6,4 милиони евра за проекти за образование и обука, млади и спорт

Освен за високото, во тековната седумгодишна Еразмус+ програма се предвидени грантови и за средното, основното и предучилишното образование кои им се достапни на нашите студенти, наставници, професори, обучувачи, вработени во градинки, претставници на здруженија и граѓански сектор, истражувачки центри и правни лица. Сите тие имаат можност финансиски да бидат поддржани за реализација на нивните идеи од областа образование, обука, млaди и спорт.

Вкупниот буџет на европско ниво е 26 милијарди евра за целата програма и за целиот период, а на нашата земја на располагање  ѝ  се околу шест милиони евра оваа година. Овие средства се очекува континуирано да се зголемуваат во следните години со што ќе се овозможи поголема поддршка и учество на сите заинтересирани.

Вложувањето во образование е најдобрата инвестиција за иднината на една земја и во таа насока Националната агенција за европски образовни програми и мобилност анимираше голем број наставници од цела земја коишто учествуваа на обуки, интерактивни училници, работилници како дел од активностите за да бидат обучени за крерирање проекти според стандардите на Еразмус+ програмата.

Во рамките на Еразмус-деновите им беше доближена програмата еТвининг, Еврогајденс и Европас, а позитивните искуства инспирираа наставници и училишта кои досега немале можност да станат дел од Еразмус-семејството.

Марко Ѓорѓиевски, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност потенцираше дека и оваа година на Еразмус-деновите се зајакнуваат капацитетите на училиштата, пракса воведена од минатата година, а сето тоа силно ќе влијание во подобрувањето на образованието во нашата земја.

– Еразмус-деновите и оваа година ги започнавме со училиштата. Така ги унапредуваме знаењата и соработките помеѓу училиштата. Обуката и интерактивната училница „Градење на капацитети на училиштата“ соодветствуваат со програмата Еразмус и се со една цел – да ги направиме нашите училишта подобри. Еразмус програмата е најголемата образовна програма на Европската Унија и е симбол за соработка, размена на искуства и унапредување на образованието, обуката, младите и спортот. Веруваме декa знаењето што учесниците го стекнаа на овој настан, ќе биде од суштинско значење за нив самите. Исто така, знаеме дека зелените и инклузивните политики се од исклучително значење за денешниот свет. Еразмус-деновите понудија прекрасна можност за нови искуства, за градење нови пријателства и за истражување нови можности во образованието и обуката – вели Ѓорѓиевски.

За Зорица Милкова, наставничка во ОУ „Тошо Велков – Пепето“ од Кавадарци, сите обуки што досега ги посетувала, ги зголемуваат нејзините и компетенциите на нејзините колеги за учество во Еразмус-проектите.

-На овие обуки ги зголемуваме нашите можности, способности, со колегите се вмреживме на некој начин, успеавме да дојдеме до нови идеи што ќе ни се корисни за новите Еразмус проекти. Топло препорачувам училиштата што не се дел од Еразмус, да се вклучат, затоа што хоризонтите дефинитивно многу се прошируваат, а за професионалниот развој, да не зборуваме – вели Милкова.

Зорица Масникоса Поптрајкова, професорка во СОУ „Димитар Влахов“ од Струмица ги поттикнува своите колеги што немаат искуство во однос на аплицирањето на вакви проекти, да се заинтересираат за обуките на Националната агенција, затоа што ќе учат од врвни обучувачи.

Периодот беше искористен и за промоција на еТвининг, дигитална платформа која преку искористување на можностите ги зајакнува капацитетите на градинките и на училиштата. Беа одржани обуки и за оваа важна платформа како и Еврогајденс и Европас платформата.

– Националната агенција во континуитет ја поддржува работата и напредокот на наставниците кои носат позитивни промени во секојдневниот образовен процес во интерес на учениците. Платформата еТвининг ги зајакнува капацитетите на градинките, основните и средни училишта кон подобрување на образовните процеси и градење на меѓусебна мрежа за соработка преку дигитализиран пристап во чекор со европските колеги.  Конференција на тема „е-Твининг, иновација и едукација“ беше организирана од страна на Националната агенција за наставници од различни региони – вели Ѓорѓиевски.

Фокусот беа учесници кои немаат искуство во еТвининг со цел да истражат и научат за сите можности и предности што ги нуди платформата во училишното образование. Покрај наставниците, на конференцијата присуствуваа и претставници од Бирото за развој на образованието и од Министерството за образование и наука.

За да се задржи транспарентоста во одлучувувањето и избирањето на најдобрите Еразмус + проекти што ќе почнат да се имплементираат во 2024 година, на 2 ноември беше организирано јавно распределување на апликации за оценување. Станува збор за проектите КА1, КА2 и Европски солидарен корпус.

Сите новитети, случувања и повици Националната агенција за европски образовни програми и мобилност редовно ги објавува на социјалните мрежи и веб-страница, а со тоа сите заинтересирани може да се секогаш информирани, што им дава можност да се вклучат во делот кој им е потребен за нивен напредок.

По завршувањето на проектите од европската образовна програма Еразмус+, добитниците на грантови се враќаат со надградени знаења, подобри вештини и со голема желба повторно да искусат посета во странство или да бидат дел од соработка со училишта или факултети во Европа.

Треба да знаете
Moже да ве интересира