Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ИНТЕРВЈУ Марко Видојковиќ: Македонија ја изглодаа скакулците на Никола Груевски

Македонија има сериозни проблеми, коренот на овие проблеми лежи во нејзиното долгогодишно уништување од режимот на ВМРО ДПМНЕ, овие проблеми не можат да се решат преку ноќ.“

Жестоките долгогодишни напади врз новинарот, колумнист и писател Марко Видојковиќ резултираа со негов прогон. Смртните закани по неговиот и по животот на семејството го одведоа во егзил, дотолку што местото на неговото живеење мора да остане тајна од безбедносни причини. Во интервјуто за НоваТВ, говори за актуелниот политички режим на Александар Вучиќ, за деконтаминацијата и последиците од ваквите режими, за состојбите од Триглав до Југ. Вели дека во овој миг борбата со лагите е нерамноправна, но дека нема да биде замолчен. Дистопијата во неговите романи често ја отсликува реалноста, а Драгиша, главниот лик во „Ѓубре“, е метафора за денешна Србија, која како што вели е „издрогирана, арогантна, насилничка, која ги исмејува сите блиски што и се при  рака и знае да убива“.

НоваТВ: Во 2009 година со Вас и со Јерговиќ го снимавме документарниот филм „Долго патување…“ од Триглав до Вардар со старото добро „Југо“. Тогаш, констатиравме дека ништо не се сменило на подобро, барем јужно од Триглав. Сега, 13 години подоцна, што има ново?

Видојковиќ: Ново е тоа дека во меѓувреме Хрватска стана дел од Шенген зоната, дека Македонија ја изглодеа скакулците на Никола Груевски, а Србија пантличарите на Александар Вучиќ, Босна и Херцеговина е и натаму поделена и нефункционална држава, со засилени националистички елемнети, а Црна Гора полека но сигурно после промените се врти назад кон Мило Ѓукановиќ, за што директно се виновни напреднатите големосрпски елементи. Косово е потполно заокружена држава, а Словенија е светслосни години далеку од сите. Кога ќе се сумира сè, мило ми е за Словенија и Хрватска, а жал ми е за граѓаните на сите останати поранешно југословенски републики и покраини. Кога го снимавме филмот, во 2009 година, мислев дека Белград е добро место за живеење. Пишував книги, ги промовирав, пишував колумни, ја критикував власта, без никакви закани и репресии. Денес, Белград е веројатно најлошото место за живеење, не само во регионот, туку и пошироко, не само за мене, туку и за секој нормален белграѓанин. По десет години прогресивно уништување, тоа повеќе не е романтичната метропола во која сме родени јас и моите родители, тоа е загаден урбан изрод.

НоваТВ: Вашиот роман „Ѓубре“ беше причина за агресивни реакции во српската јавност. Што ги погоди толку силно?

Видојковиќ: Мора да бидеме прецизни. Немаше реакции во јавноста за таа книга. Заклучно со октомври 2020 година, продаден е во дури 25 илјади примероци, без никој да напише рецензија за него, ниту позитивна,  ниту  негативна. Можам само да шпекулирам дали запрепастувачката ескалација на теророт, кампањите и заканите на режимот, од пролетта 2021 година, кога веќе се продадени околу 20 илјади примероци, има врска со „Ѓубре“ или е во прашање коинциденција. Таа книга е пишан споменик на режимот, во кој, ако се доволно имагинативни или параноични, можеби ќе се препознаат некои од српските политички лидери, иако мислам дека во реалноста тие се многу поодвратни од литературните ликови со кои може да се споредат. Во истиот период, емисијата „Добар, лош, зол“, која ја снимам со Ненад Кулачин, од маргиналната ТВ Шабац се пресели на порталот Нова.рс и ТВ Нова С, сопственост на Јунајтед Медиа, па би рекол дека е „совршена бура“. , во која немавме шанса ниту јас, ниту Ненад, со оглед на силата на противникот и отсуството на домашна помош.

НоваТВ: Кој е вашиот главен лик Драгиша?

Видојковиќ: Главниот лик на романот „Ѓубре“ е моделиран по моделот на Патрик Бејтмен, главниот лик на романот „Американски психо“. Драгиша е човек од сенка, тој е таен владетел на српските политичари, кој учествува во сите можни валкани работи. Таква личност не постои во реалниот живот. Драгиша е симбол на модерна Србија – кога би ја гледале како човечко суштество, таа би била издрогирана, арогантна насилничка, која ги исмејува сите блиски што и се при  рака и знае да убива.

НоваТВ: Што се случи што бевте присилен да ја напуштите Србија?

Видојковиќ: Подобро е прашањето, што се случи за конечно да ја напуштите Србија. После три години континуирано живеење, од највисоките државни раководители, режимските медиуми, безброј лудаци на интернет, десетици смртни закани и еден вид куќен притвор, во кој јас и мојата сопруга бевме принудени да живееме, бидејќи нè советуваа да седиме дома додека траат кампањите, само некој од надвор, ПЕН центарот, заклучи дека тоа не е нормално и дека таквиот начин на живот може да не убие. Затоа веднаш нè преместија, штом станаа свесни што се случувало со години и на кое не му се гледа крајот. Поточно, крајот ми се наѕираше.

НоваТВ: Каде сте и и што правите денес? Дали пишувате нешто ново врз основа на ова горко искуство?

Видојковиќ: Веќе напишав роман базиран на горчивото животно искуство во Србија, тоа е „Депонија“. Ми рекоа да не ја откривам мојата локација, а што се однесува до инспирацијата да пишувам, ме прекинаа на половина пат од новиот роман со најновата ескалација на теророт, во октомври 2022 година. Потоа дадов се од себе за да ги заштитам сопругата, мајка ми, себеси, колегата, па нè преместија и сега уште се навикнувам пред се на нормален живот. Во такви услови добро е што сум уште во едно парче, не станува збор за пишување книги кога си под толкав стрес. Кога сè ќе се смири малку, ќе се вратам на новата книга.

НоваТВ: Иако Ви е загрозен животот од монструозни закани, велите дека нема да запрете „до слободата“. Најголем број на убиени новинари во светот се токму оние кои пишувале за корупција, и покрај се стравот е реален, имате ли сигурна заштита или одите на „бос по трње“?

Видојковиќ: Како што кажав, кога заклучив дека јас и Ненад Кулачин сме во позиција што може да се нарече „Идеални жртви“, решив да преземам иницијатива и да се обратам за помош до амбасадите на демократските земји и странските организации за заштита на новинарите. Јас и Кулачин редовно известувавме за смртни закани, до есента 2021 година имаше околу триесет од нив, едвај две беа обработени. После тоа престанав да пријавувам и се фокусирав на тоа како да си ги спасиме животите. Не би рекол дека гласното изразување на мислата е “бос по трње“ , моите јавни настапи отсекогаш биле такви, без разлика кој е на власт. Тоа што слободата на говор се доживува како брзање „и чекорење по трња“ кога се применува во Србија е доказ дека Србија има огромен проблем, како и регионот што ја опкружува, па дури и целиот континент, ќе се осмелам да констатирам. Не е нормално на новинари и активисти да им е загрозен животот во земја која е кандидат за членство во ЕУ.

НоваТВ: Очекувате ли помасовна поддршка од вашите колеги во Србија?

Видојковиќ: Пристигнува во најмасовната можна форма. Сите слободни медиуми објавија што се случува со мене, додуша, дури по појавувањето на поранешниот претседател на Србија, Борис Тадиќ, на кабелската телевизија Дневник Нова С. Поддршка стигна и од мнозинството демократски и проевропски опозициски партии, новинарски здруженија. и бројни поединци. Притоа, режимските медиуми не се рекламираат, претставниците на власта молчат, а ако зборуваат за ова, не се сомневам дека тоа ќе биде продолжение на заканите, омаловажувањата и навредите, какви што претрпев јас со години, а заканите и навредите на нивните симпатизери не престанаа сето ова време, а згора на тоа, тие се засилени.

НоваТВ: Од друга страна пак, овој жесток и монструозен напад врз вас докажува дека моќта на литературата и медиумите е голема и дека тоа е единствениот начин да се придвижат работите, дека вистината може да победи, но во светот на дезинформациите и пропаганда, како е можно да се успее да опатане  вистината?

Видојковиќ: Наместо тоа, би рекол дека ова ја покажува објективната слабост на режимот. Таквата дива пресметка, не само со еден писател, колумнист и водител на подкаст, туку со секој што дури и во најмалото село се осмелува да го критикува режимот, покажува дека сме во диктатура, во која владее страв на двете страни – кај режимот-страв од бунт, кај граѓаните- страв од одмазда. Вистината е мојот повик и ќе продолжам да го  зборувам тоа што го мислам, а лагите се алатка за владеење на режимот. Ги киднапираа сите поголеми медиуми и постојано лажат од таму. Тоа значи дека борбата е нерамноправна, но не значи дека борбата треба да се напушти, напротив треба да се интензивира. Во таква борба ги користам сите расположливи средства, вклучително и стратешкото преместување, токму за да можам поуспешно да си ја работам работата, а не да ја прекинам.

НоваТВ: Дали би дошле во Македонија ако ве поканат или е премногу блиску до непријателот?

Видојковиќ: Јас бев преместен на сосема друга страна, а и да требаше да бирам, Македонија немаше да биде на врвот, без разлика што по мајка сум чист Мијак, што ја сакам Македонија колку и Србија, свесен сум за тоа колку е токсична таа земја и дека пипалата на српскиот режим се доволно големи за да можат лесно да го поминат интегрираниот граничен премин и да стигнат до мене. Македонија има сериозни проблеми, коренот на овие проблеми лежи во нејзиното долгогодишно уништување од режимот на ВМРО ДПМНЕ, овие проблеми не можат да се решат преку ноќ. Ситуацијата многу потсетува на ситуацијата во Србија кога го соборивме Милошевиќ, кога граѓаните беа во заблуда дека медот и млекото веднаш ќе почнат да течат низ српските улици. Кога уништуваш нешто десет години, потребни се најмалку десет години за да се поправи. Така ќе биде и кога Вучиќ не е на власт, дури тогаш ќе се види штетата што ја направи и ќе следи антиклимакс и апатија.

Разговарал: Борјан Јовановски

Приреди: А.В

Зачлени се на нашиот е-билтен