Што се случува кога експерт за електрониката и компјутерските науки, со повеќе од 25 годишно работно искуство со интегрирани системи во реално време, потрошувачка електроника, мобилна комуникација и напредно истражување, ќе се заинтересира за ликовната уместност? Од искуството на Влатко Милошевски, професионалниот живот не замрел – напротив! – а уметноста, посебно онаа врзана за македонското поднебје, доби редок и исклучителен проучувач.
„Лексиконот на странски сликари во Македонија 1850-1950“ во неговото интернет, но и печатено издание кое беше промовирано минатото лето во Охрид, е редок изблик на пасија која го обединува личниот афинитет и вештината во пласманот на новите медиуми. Резултатот од собирањење на сите достапни информации за активностите на странските сликари, илустратори, графичари, скулптори и уметнички фотографи кои што ја посетиле Македонија и создале уметничко дело инспирирано од земјата, културата, традицијата, природата или историските настани во Македонија и македонските етникуми во периодот помеѓу 1850 и 1950 година е токму овој лексикон.
Милошевски по дипломирањето на Електротехничкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во 1994 година се стекнува со звањето инженер пo електротехника, а потоа и звањето магистар по компјутерски и информациски науки и инжинеринг на Универзитетот на Флорида, во Геинсвил, САД во 1999 година. Работел во бројни компании и проекти, од мали „старт-ап“ фирми и академија, до мултинационални гиганти, како истражувач, инженер, архитект, технички маркетинг менаџер и менаџер за развој на бизнис. Милошевски е сениор менаџер за развој на бизнис во истражувачката организација ИМЕК, во нивната канцеларија на Хај Тек Кампусот во Ајндховен, Холандија.
Разговарал: Стојан Синадинов
Вие сте пасиониран трагач и колекционер на ликовни уметнички дела, откривајќи заборавени уметнички бисери, како во физичкиот свет (аукциски куќи, саеми за антики, викенд пазари, куриоза продавници, итн.), така и во сајбер светот (интернет страниците на светските аукциски куќи, онлајн уметничките галерии и музејските продажби итн.). Кој од овие светови на уметност го претпочитате, физичкиот или сајбер светот?
Го претпочитувам физичкиот свет кој за жал забрзано исчезнува. Пред едно 20 години, на аукциите се сретнував со „колеги“ колекционери и секој гореше од желба да ја раскаже неговата приказна за откривање на некоја заборавена или загубена слика. Колекционерите на слики се слични на рибарите – секој носи своја, по малку напумпана, но сепак интересна приказна за некој голем „улов“. Денес скоро сѐ е онлајн. Купувањето на уметност, кое што порано беше „риболовен муабет“, денес е само обична електронска трансакција.
Последниве години живеете во Ајндховен. Холандија е татковина на можеби најзначајните сликари во последниве 5-6 века. Има ли влијание природната светлина во тоа поднебје за создавање на специфичниот стил на холандските сликари?
Холандија лежи покрај Северното Море низ кое постојано има водени и воздушни струи помеѓу југ и север. Ова струење го прави холандското небо многу динамично. Во Македонија денот е или сончев или врнежлив. Во Холандија, тоа се менува од минута во минута. Небото и облаците се природен филтер на светлината од сонцето врз пејзажите на земјата. Кога небото е ведро, најсилни се црвената и жолтата боја во светлината, и пејзажот е топол. Кога небото е со бели облаци, најсилни бои во светлината е светло сината и зелената и тогаш пејсажот е облиен со бела светлина слична на онаа од „селфи“ светлата – и боите во пејсажот се природни и замаглени. Кога небото е темно, тогаш доминира темно сината и виолетовата боја во светлината и тогаш пејсажот станува драматичен и оштар. Тука лежи мајсторлакот на холандските сликари. Какво чувство треба да се долови во пејсажот: топлина, нежност или возбуда? Холанските мајстори се усовршиле токму во тоа зграпчување на моментот.
Што сè може да се најде на „бувљаците“ низ Холандија и светот воопшто?
Во 95% од посетите – скоро ништо – стари и непотребни работи. Но, секој посетител на „бувљаците“ живее за тие 5%. Пред некое време еден посетител пронајде непознат цртеж на Винсент ван Гог, на „бувљак“ крај Нунен (селото каде што живеел сликарот)? Друг посетител пак на еден друг „бувљак“ нашол масло на платно од француски импресионист. Холанѓаните се полни со интересни антики и уметност, кои доста галантно ги „фрлаат“ на овие „бувљаци“. Од македонски дела, релативно често се појавуваат дрворези од охридските копаничари Петар Калајџиев и Димитри Јанков, како и стари фотографии од Македонија. „Бувљаците“ ми служат како извор на финансии за мојата колеција. Ќе продадам во Холандија некои антики или слики кои што сум ги купил на бувљак, а со тие пари ќе купам некоја македонска слика кога ќе се појави на пазарот.
Вашето колекционерство започнува со откривањето на мала колекција на македонски маслени минијатури од Никола Петковиќ, на една малку позната онлајн garage sale во САД. Како се сеќавате денес на тоа чувство?
Како да беше вчера. И тоа не само откритието на минијатурите, туку и потрагата по информациите за овој, во тоа време, непознат српски сликар. Денес тој Никола Петковиќ е прогласен за српски ван Гог. Незаборавно е патешествието на откривање на слика со мотив од Македонија, барањето на информации кој е тој уметник, кога и зошто дошол во Македонија, и која е неговата/нејзината судбина потоа. Ова патешествие се повторува одново и одново, со секој откриен сликар и дело од Македонија. Во него се крие дел од заборавената историја од регионот Македонија. И со секое ново истражувачко патешествие откривате колку е Македонија поврзана со европските ликовни и светски настани, и на колку многу сликари таа им била муза и инспирација.
Кои ви се најдраги автори од вашата лична колекција?
Тоа е како да ме прашате „кое е моето омилено дете?“ Колекцијата брои околу 200 дела (масла на платно или панел, цртежи, акварели, графики со сува игла или отпечаток со дрво, итн). Секое од овие дела носи со себе своја приказнa. Сликите се слични на облека или музика. Денес сте расположен за еден албум од некоја група, или сте расположен да облечете фармерки и маичка. Утре расположението ќе се смени, и ќе одберете нешто друго. Така ми е и со сликите. Еден ден им обрнувам внимание на некои слики, ги погледнувам подолго и повнимателно, ги препрочитувам приказните за нивните автори. Утре тоа го правам со некои други слики. Денес, во текот на ова интервју, омилени дела ми се големиот дрвопис „Охридско Пристаниште 1955“ од Германецот Ото Панкок (1893-1963), маслото на платно „Македонка од Тетово 1960“ ор Холанѓанецот Бер (Хубертус) Менгелс (1921-1995), како и маслото на платно „Стара Чаршија во Ушкуб (Скопје) 1917“ на германецот Рихард Геснер (1894-1989).
Работите како сениор менаџер за развој на бизнис во истражувачката организација ИМЕК, во нивната канцеларија на Хај Тек Кампусот. И, повторно, креирате битни компоненти од сајбер светот, а пасија ви е ликовната уметност: колку оваа пасија е повеќе од хоби?
Тенка е границате меѓу уметноста и науката. Леонардо да Винчи бил извонреден инженер кој цртал скици на хеликоптери. Рембрант ван Рајн бил извонреден хемичар кој знаел врз хемиска база да измеша материјали и да направи уникатна боја. Се смета дека дизајнирањето на еден силиконски чип е уметност. Некои сметаат исто дека пишувањето на софтверски код е еден вид на поезија. И уметниците и инжинерите имаат исти цели: да имат слободна мисла, да иновираат и да го сменат светот на подобро. Затоа сметам дека оваа моја пасија е комплеменнтарна на мојата работна професија. Истражувањето и поврзувањето на информации во една целина е потребни и на работа и кај моето пасионирано хоби.
И приказните за сликарите и нивните дела од едновековниот период на кој сте фокусирани (1850 – 1950) се вистински филигрански четива. Колку лесно/тешко доаѓате до информациите за нив?
Овој проект трае повеќе од 20 години. На почетокот на 21-виот век, светот не беше толку поврзан и дигитализиран. Во тоа време да најдеш податоци за некој сликар или неговото македонско дело, потребен беше директен контакт со некој негов потомок или пак со некој кустос од музеите во Виена, Париз, Лондон, Берлин, Белград, Софија… За да пронајдеш некое македонско дело , потребно беше да се проверува една по една аукционерска куќа низ светот. Денес е полесно. Постојат пребарувачи и агрегатори на сите аукицонерски куќи во светот, па едно пребаривање на дело кое е, на пример, во насловот има “Macedonia / Macedoine / Mazedonien“ ќе ви одговори дали има таква слика било каде во светот. Библиотеките на светските музеи се достапни на интернет. Постојат и социјални мрежи и платформи кои ви го олеснуваат обидот да стапите во контакт со некој кој е важен при истражувањето. После појавувањето на Веб и Фејсбук страницата, како и после печатењето на Лексиконот, сега директно ме контактираат внуците/внуките или синовите на овие сликари кои не посетиле пред сто години. Дури сега станува интересно. Проектот „Лексикон “ продолжува понатаму.
Фејсбук страницата на арт-лексиконот врви од коментари и информации за разни сликари и дела. Размислувате ли за проширување на овој лексикон, или создавање нов(и)?
Лексикон од овој тип никогаш нема да биде комплетен. Непосредно пред печатењето, а и после промоцијата, добивав информации за нови сликари кои ја посетиле Македонија во овој период. Би било убаво да излезе второ издание од Лексиконот со дополнителен број на новооткриени уметници. Убаво е да се има ваква документација на едно место. Лексиконот исто гради мостови на пријателство помеѓу сите луѓе од регионот Македонија. За овие сликари и нивните дела и престој во Македонија, активно се интересираат луѓето од сите наши соседни држави и пошироко. Лексиконот е еден вид на културен амбасадор и промотор на Македонија. Би било убаво во овој проект да се вклучат и нашите соседните музеи – ова е убава тема за соработка. Размислувам сите објавени „приказни“ на Фејсбук страницата да ги објавам во печатено издание. Само минатата година овие приказни биле прочитани од над половина милион луѓе. Читателите се „жедни“ за овој вид, јас би го нарекол, Ден Брауновски стил на раскажување на ликовна историја на Македонија. А доволен е само еден хакерски напад на Фејсбук за целата оваа колекција на „приказни“ да ја снема.
Вашиот арт-лексикон, освен интернет-изданието кое се надополнува, минатото лето доживеа и печатено монографско издание, кое беше промовирано во Охрид. И, повторно, каде вашата колекција поубаво „дише“, во сајбер светот или на хартија? Колку е различна интеракцијата со читателите (и гледачите, бидејќи се работи за ликовна уметност) на печатената монографија и посетителите на интернет порталот?
Промоцијата на Лексиконот, заедно со изложбата на околу 60-тина слики од мојата приватна колекција се случи минатиот август во куќата „Уранија“ во Охрид. Траеше една недела, и можам да кажам дека тоа беше една од најубавите недели во мојот живот. Едно е да добиете „лајк“ на Фејсбук а друго е да муабетите со некој кој редовно ги читал Фејсбук „приказните“. Кога во живо ќе разговарат со обожавателите на Лексиконот, ја гледат возбудата и задоволството во нивните очи. Тогаш ќе си речам дека вредеше целото вложено време, труд и средства во Лексиконот. И тогаш ми станува јасно дека сето ова не е моја лична фикс-идеја, туку интересен материјал за огромен број на луѓе. За жал, физички сум далеку од Македонија. Да имав повеќе време и можност да ја посетам Македонија, секако ќе направевме повеќе изложби и средби. Поетот Никола Маџиров ме покани да ја донесам летоска колекцијата и Лексиконот во Струмица. Ќе пробам тоа да се случи.
Сте се обиделе ли некогаш да го „институционализирате“ вашиот проект во класична галерија, со некоја можна постојана поставка на делата?
Тоа би била мојата животна желба – да се донесе целата колекција „дома“ и да се отвори за посета на јавноста. Таков еден музеј би им бил многу интересен и на странските туристи кои би виделе како нивните сликари ја доловиле Македонија. Охрид би бил прекрасен град за таков музеј. Има и места во Охрид за таква работа, на пример старата зграда на Занаетчискиот Универзитет, која е во центарот, а стои запуштена. Таков тип на легати-музеи има во секоја земја, на пример музејот на Павле Бељански во Нови Сад, или музејот на Пеги Гугенхајм во Венеција, кои се вистински туристички атракции.
Не е лесно да се „институционализира“ оваа замисла. Постојано се менуваат Министрите за култура. Целата операција на институциите се сведува на апликации на годишните програми, кои се практично недостапни за иселениците кои се „аутсајдери“ во политичкото милје во земјата. Малку поголем слух има МАНУ, која лани ни излезе во пресрет и ни го даде прекрасниот простор во куќата „Уранија“ во Охрид за промоција и изложба. Но, не сум обесхрабрен, ќе се обидувам постојано оваа идеја да се реализира, бидејќи очигледен е интересот од публиката.
Социјалните мрежи неодамна нè потсетија на еден алтернативен проект од пред 30 години, списанието „Елфаско“, а еден од неговите основачи сте вие. Во младоста сте биле пасиониран читател и колекционер на стрипови. Колку, пак, светот на стриповите и нивното колекционирање е жив денес?
Во „Елфаско“ бев од првиот број, и тоа пријателство, јас би рекол и братство, трае до денес. На пример, од тимот „Кома“ на Небојша „Бане“ Гелевски ( графичкиот дизајнер на „Елфаско“ ) беа графички дизајнери на Лексиконот, и волонтерски потрошија огромно време во подготовката на книгата. Бане беше особено горд на крајниот резултат. Во „Елфаско“ пишував написи за џез-музиката, како и написи за актуелни теми на факултетот, но со една сатирична нота. На пример, мојот напис со наслов „Two Beer, Or Not Two Beer – Shakekbeer” во кој го критикував факултетот за ззабрана на продавање пиво во студентската менза, беше цитиран и во професионалните весници од тоа време. Во „Елфаско“ ја добив љубовта кон пишувањето и комуникацијата со читателите. Сигурен сум дека немаше да ја пишувам книгата и „приказните“ на Фејсбук ако „Елфаско“ не беше дел од мојата младост.
Фотографии: Приватна архива