Најмалку 42 луѓе, кои се водат како исчезнати откако нивниот чамец минатата недела се преврти во близина на брегот на Либија, најверојатно се мртви, соопшти денеска Меѓународната организација за миграција (ИОМ).
ИОМ наведе дека чамецот се превртел на 3 ноември откако откажал моторот. Несреќата се случила неколку часа откако чамецот со мигранти исплови од Зувара, град во северозападна Либија.
Преживеаните шест дена беа насукани, а беа пронајдени на 8 ноември откако либиските власти спроведоа спасувачка мисија во близина на нафтеното поле Ал-Бури.
Наводно, во гумениот чамец имало 47 мажи и две жени. Меѓу исчезнатите се 29 Суданци, осум Сомалијци, тројца државјани на Камерун и две лица од Нигерија.
ИОМ соопшти дека им обезбедила итна медицинска помош, вода и храна на преживеаните, кои биле однесени во Триполи. Тие се во стабилна состојба откако претрпеле изгореници од сонце и иритација на кожата од морската вода.

