– Иран денеска беше домаќин на разговорите меѓу министрите за надворешни работи на Ерменија и Азербејџан, оценувајќи дека им дал можност на двете земји да постигнат мир во Јужен Кавказ, откако силите на Баку минатиот месец ја вратија контролата врз сепаратистичкиот регион Нагорно-Карабах.
Ова е прва средба меѓу министрите Арарат Мирзојан и Џејхун Бајрамов по брзата офанзива на азербејџанската армија во Нагорно Карабах на 19 септември.
На преговорите во иранската престолнина присуствуваа и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и неговиот турски колега Хакан Фидан.
– Постои историска можност за сите земји во регионот. Војната во Јужен Кавказ е завршена и време е за мир и соработка, изјави шефот на иранската дипломатија, Хосеин Амирабдолахиан. – Присуството на странски земји во регионот не само што нема да ги реши проблемите, туку и ќе ја усложни ситуацијата, додаде тој.
Покрај тоа, иранскиот министер за надворешни работи изрази надеж дека Грузија ќе биде вклучена во следните состаноци. „Се надеваме дека ќе бидеме сведоци на конструктивно и ефективно учество на Грузија на следните состаноци посветени на дискусијата за прашања поврзани со Јужен Кавказ“, рече тој.
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан на социјалната мрежа Х напиша дека Анкара ги поздравува денешните разговори и се надева дека тие ќе „дадат поттик на нормализацијата и мировните процеси“.
Шефот на руската дипломатија, од своја страна, по преговорите изјави дека конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија е во голема мера решен, но засега останува да се преземат практични чекори за целосна нормализација на односите меѓу земјите, пренесе ТАСС.
Двете страни се согласија дека Карабах му припаѓа на Азербејџан и тоа беше главното нерешено прашање, посочи Лавров. – Сега, се разбира, има уште практични чекори за целосна нормализација на односите, пред сè – да се подготви мировен договор, да се исцртаат границите и да се воспостават транспортни и економски врски без никакви пречки, како што беше договорено на состаноците на претседатели на Русија, Азербејџан и Ерменија“, додаде тој.
Учесниците во дискусијата ја коментираа и ситуацијата во Израел и Газа. – Немавме друг избор освен да разговараме за Палестина. Имаме многу блиски позиции, Русија не прифаќа никакви манифестации на тероризам, на насилство што го крши меѓународното хуманитарно право, вклучително и неселективна употреба на сила. Секако дека се водиме од потребата да се спречи земање заложници и да не се дозволи блокада на населени места со цивилно население, изјави шефот на руската дипломатија.
На маргините на состанокот во Техеран, Лавров рече дека зајакнувањето на американското воено присуство, кое е во тек на Блискиот исток, довело до ризик од ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хамас, пренесува БТА. Тој го спомна американското испраќање воени бродови на Блискиот исток и додаде дека колку повеќе една земја презема проактивни мерки од овој вид, толку е поголем ризикот, опасноста од ескалација на конфликтот. Лавров додаде дека САД веќе се меѓу земјите кои најмногу се мешаат во овој конфликт.
Но, тој исто така рече дека активностите на Вашингтон, како и оние на ЕУ, се неопходни за да се постигне дипломатско решавање на конфликтот. – Мораме да дејствуваме врз основа на колективниот потенцијал на земјите од регионот и ЕУ, а веројатно и САД, и тешко е да се постигне тоа без нив, додаде Лавров. с