Иран и САД без договор, нуклеарното прашање ги закочи разговорите

Разговорите меѓу Иран и САД во Исламабад завршија без договор, по повеќе од 20 часа преговори што требаше да донесат напредок во обидите за смирување на кризата. Американската делегација, предводена од потпретседателот Џеј Ди Венс, ја напушти пакистанската престолнина со оценка дека двете страни не успеале да се доближат до решение за најчувствителното прашање, иранската нуклеарна програма.

Според американската позиција, клучен услов за договор останува јасна и обврзувачка гаранција дека Техеран нема да развива нуклеарно оружје, ниту капацитети што би овозможиле брзо да дојде до него. Венс по разговорите порача дека црвените линии на Вашингтон биле јасно поставени, но дека иранската страна не ги прифатила тие услови.

Од иранска страна, пак, вината за неуспехот е префрлена врз Вашингтон. Ирански медиуми и официјални претставници оценија дека американските барања биле неразумни и дека било нереално да се очекува договор уште во првата рунда. Во нивните изјави се посочува дека атмосферата на разговорите била обележана со недоверба и дека во текот на преговорите биле отворени и дополнителни теми, меѓу нив и Ормускиот теснец и пошироките регионални прашања.

Токму тука, според извештаите, се наоѓале и дел од најголемите разлики меѓу двете страни. Покрај нуклеарната програма, спорни останале и условите поврзани со Ормускиот теснец, кој е од суштинско значење за глобалното снабдување со енергенси. Разговорите во Исламабад беа оценети како без преседан, затоа што станува збор за највисоко ниво на директен контакт меѓу САД и Иран по многу години.

Иако средбата не донесе пробив, сигналите од двете страни не упатуваат дека дипломатскиот канал е целосно затворен. Пакистан, кој посредуваше во разговорите, повика да се зачува примирјето и да продолжат контактите, што остава простор за нови обиди за договор во периодот што следува. Засега, сепак, јасно е дека нуклеарното прашање останува главната точка на судир меѓу Вашингтон и Техеран и најголемата пречка за каков било политички исчекор.

Зачлени се на нашиот е-билтен