Техеран одамна ја подготвувал стратегијата во случај на директен судир со САД и Израел: наместо да се обидува да одговори на нивната воена надмоќ на ист начин, да го стави под притисок Ормутскиот Теснец, низ кој вообичаено минува околу една петтина од светската нафта и течен природен гас. Откако почна војната на 28 февруари, сообраќајот низ теснецот паднал за 97 проценти, според податоци на Обединетите нации што ги цитира Ројтерс, а токму таму Иран го гледа местото каде што може најбрзо да предизвика глобален економски шок.
Во таа смисла, ова повеќе не е само ракетна и воздушна војна, туку и обид економската болка да стане средство за одбрана. Ројтерс наведува дека иранската стратегија се потпира на асиметричен пристап: ограничување на пловидбата, ракетни и дронски удари на повеќе фронтови и создавање притисок врз енергетските пазари за Белата куќа да се соочи со политичка и економска цена. Аналитичарот Али Ваез оценува дека ако Иран ја држи „како заложник“ светската економија, тогаш Вашингтон може прв да попушти, додека Мајкл Ајзенштат ова го опишува како пример за асиметрична војна во која мал број напади создаваат несразмерно големи последици.
Но најновите сигнали не упатуваат на брз крај. Ројтерс објави дека администрацијата на Доналд Трамп ги оттурнала обидите на Оман и Египет да отворат разговори за прекин на огнот, додека иранската страна одбива какви било такви разговори сè додека не престанат американските и израелските напади. Паралелно, американските разузнавачки процени велат дека иранското раководство не е пред непосреден колапс и дека системот сè уште ја задржува контролата. Тоа значи дека, барем засега, сценариото за брз расплет изгледа сè помалку веројатно, а логиката на долга војна станува сè повидлива.