Иранското судство соопшти дека човекот за кого се стравуваше дека ќе биде егзекутиран нема да биде осуден на смрт, по што Трамп ваквата одлука ја поздрави како „добра вест“, велејќи дека дознал дека режимот престанал да убива демонстранти.
Иран во четврток сигнализираше дека нема да продолжи со егзекуциите на демонстранти додека го отвора својот воздушен простор, додека сеуште не беше јасно дали САД би можеле да преземат воена акција поради смртоносното задушување на протестите од страна на режимот.
САД, вчара започнаа со евакуација на клучниот персонал од нивната најголема воена база на Блискиот Исток, бидејќи можноста за американски воен напад растеше, додека активистите рекоа дека бројот на жртви во Иран надмина 2.500.
Во исто време, Советот за безбедност на Обединетите нации закажа итна седница за четврток попладне, на барање на САД.
Трамп: „Запрено е, нема планови за егзекуции“
Трамп рече дека дознал дека иранскиот режим престанал да убива демонстранти и ги суспендирал плановите за егзекуции, за кои претходно рече дека би можеле да предизвикаат одговор на американската војска.
„Запрено е. Се запира и нема планови за егзекуции“, рече Трамп претходно во текот на денот во Овалната соба.
Рано во четврток, тој на социјалната мрежа Truth Social објави дека тоа се „Добри вести. Се надевам дека ќе продолжат!“
Случајот со Ерфан Солтани
Според Стејт департментот и групите за човекови права, Ерфан Солтани, 26, требаше да биде првиот демонстрант кој ќе се соочи со егзекуција.
Сепак, иранското судство информираше дека Солтани не е осуден на смрт. Обвинението за „здружување против внатрешната безбедност на земјата и пропагандни активности против режимот“ не носи смртна казна, но тој сè уште останува во притвор, објавија државните медиуми.
Норвешката организација за човекови права „Хенгав“ соопшти дека неговата егзекуција е „одложена“, повикувајќи се на информации добиени од семејството на Солтани. И Амнести интернешнл ги потврди истите обвинувања, повикувајќи се на својот извор.
Арагчи: „Нема план за бесење“
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, за Фокс њуз изјави дека „нема да има бесење денес, ниту утре, ниту во кое било време“.
„Убеден сум во тоа. Нема план за бесење“, рече Арагчи.
Можен одговор на американската војска
Зборувајќи за реакцијата на безбедносните сили, Трамп рече дека „луѓето пукале кон нив, а тие возвраќале“.
Според американските претставници и извори блиски до Белата куќа, Трамп е подготвен да ги исполни своите ветувања до демонстрантите дека САД ќе интервенираат воено, но сака секоја можна акција да му нанесе брз и решителен удар на режимот. Според изворите, таква гаранција засега не му е дадена.
Иран привремено го затвори небото
Во текот на ноќта, Иран привремено го затвори својот воздушен простор речиси пет часа, издавајќи НОТАМ, т.е. „известување до сите воздухопловци“, со кое беа забранети сите летови, освен оние до и од Техеран кои имаа посебна дозвола.
Во тој период, страниците за следење на летови, вклучувајќи го и FlightRadar24, не покажаа ниту еден авион над земјата. По завршувањето на забраната, летовите постепено почнаа да се враќаат.
Повеќе од 2.600 мртви, протести во 187 градови
Новинската агенција на американските активисти за човекови права (HRANA) соопшти дека потврдила повеќе од 2.600 смртни случаи, вклучувајќи околу 150 припадници на безбедносните сили, како и повеќе од 18.000 апсења.
Протестите започнаа во Техеран, но се проширија во 187 градови низ целата земја, според HRANA, која посочува дека податоците се проверуваат преку „повеќекратни внатрешни проверки“.
Властите во Иран не објавија официјален број на жртви.
„Легитимитетот одамна е исчезнат“
Амнести Интернешнл објави дека безбедносните сили спроведоа „најсмртоносна репресија досега“ во последните денови.
„Каков и да беше политичкиот легитимитет што го имаше, одамна е исчезнат“, рече Али Ваез, директор на проектот за Иран во Меѓународната кризна група. „Сè уште има репресивен капацитет и се намалува базата на поддршка, но неговиот долг период на самрак станува сè потемен.“