Ирански функционер: „Нема закон за задолжително носење хиџаб“

Изјавата на иранскиот функционер Мохамад Реза Бахонар дека во Иран „не постои закон за задолжително носење хиџаб“ предизвика бурни реакции меѓу конзервативците кои бараат целосна примена на Законот за хиџаб и чесност, суспендиран во мај оваа година.

Бахонар, член на Советот за експедитивност, изјави дека системот на Исламската Република „тихо се реформира“ и дека хиџабот веќе не е правно обврзувачки. „Парадигмите на Исламската Република постепено се менуваат. Општата одлука е дека нема закон за задолжителен хиџаб“, рече тој, додавајќи дека „тврдокорните“ исламисти не треба да диктираат како ќе живее општеството.

По неговата изјава, во парламентот следуваше бурна реакција. Конзервативните пратеници остро го нападнаа Бахонар, обвинувајќи го дека ги поткопува вредностите на Исламската Република. Некои од нив го повикаа и врховниот лидер Али Хаменеи, кој претходно изјави дека занемарувањето на хиџабот е и „верски и политички забрането“, да реагира на ваквите ставови.

Според аналитичарите, контроверзата ја открива сè подлабоката поделба во иранскиот политички врв околу тоа колку државата треба да се меша во моралните и религиските прашања, особено во период кога Иран се соочува со зголемено незадоволство и нови санкции од ОН.

Зачлени се на нашиот е-билтен