ИРЛ му одговори жестоко на Геровски за обидите за манипулација

По објавите на Плусинфо во кои се сугерираше дека ИРЛ сокрила и селективно објавувала докази во нивната строрија за Кочани, ИРЛ попладнево жестоко реагираше со факографија.

Реакцијата ја пренесуваме во целост:

„„Кукавичко новинарство“ ангажирано во одбрана на вознемирени моќници или како Бранко Героски редовно ги „истражува“ ИРЛ, но никогаш олигархијата и мафијата.

По Зоран Божиновски, т.н. Буревесник, и разни анонимни твитер-профили кои тврдат дека истражувањето за Кочани било направено за да се заштитат премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од една страна, па дури и Левица и Бугарите од друга, денеска Бранко Героски тврди дека сторијата се објавила за да се заштитат државниот јавен обвинител и поранешни функционери од СДСМ – Оливер Спасовски, Сања Лукаревска и Благој Бочварски.

За Бранко Героски, трагедијата во Кочани не е јавен интерес. Според него, за неа не треба да се известува, туку да се остави на истражителите. Затоа тој почувствувал „длабок порив“ да ги спречи „манипулациите“ на ИРЛ со свое ексклузивно „истражување“, иако самиот во објавата признава дека не ги разбира вештините потребни за истражувачко новинарство, ниту што претставува јавен интерес, што е не само контрадикторно, туку и штетно за јавноста и за засегнатите од пожарот во „Пулс“.

Неговите објави по ништо не се разликуваат од оние на анонимните твитер-профили и контроверзни медиумски ликови како Зоран Буревесник и Марјан Доказ.

Редакцијата на ИРЛ ги отфрла обвинувањата на Героски како неточни, злонамерни и штетни по јавниот интерес.

Во својата објава Героски сугерира дека ИРЛ намерно ги сокрила имињата на функционери од СДСМ за да ги заштити обвинителите и државниот јавен обвинител Коцевски, и да ја сврти приказната на штета на Владата.

„Кој и како одлучил кој дел од телефонската комуникација да ѝ го презентира на јавноста, а кој да го скрие?“ – прашува Героски, иако самиот не нуди одговор на ова прашање. Во истата објава тврди дека сторијата за Кочани е „нарачка“ од некакви мрачни сили, за веднаш потоа да признае дека не се разбира во истражувачко новинарство и не знае што е јавен интерес.

Во целата телефонска комуникација на Михаил Јованов, синот на сопственикот на „Пулс“ Дејан Јованов, којашто била доставена до судот, а ја поседува ИРЛ, не постои ниту еден доказ дека тој или некој од обвинетите оствариле директна комуникација со Оливер Спасовски, Сања Лукаревска или Благој Бочварски.

Комуникацијата што ја објави ИРЛ се одвива исклучиво меѓу Михаил Јованов и даночните контролори Драган Паунов и Дуле Димитриев, како и други инспектори со кои тој имал директна комуникација. Оваа комуникација докажува директна и непосредна инволвираност во следниве дела: оддавање доверливи информации, злоупотреба на службена должност и примање поткуп.

Иако ги обвинува ИРЛ дека кријат информации, единствениот аргумент за тоа му е изнесеното тврдење дека одреден свиркач му дал само делови кои што тој ги побарал, што укажува дека Героски не е заинтересиран за целата вистина, причината поради која ние сме нападнати. Зошто, доколку имал пристап до информации од целата истрага, не ги побарал сите документи, нешто што би го направил и новинар почетник. ИРЛ, за разлика од Плусинфо, своите податоци ги провери и потврди од два независни извори, за што ни беше потребен исклучителен напор, време и ресурси. Доколку имал ваков пристап порано од сите други, тогаш зошто не и помогнал на јавноста и на жртвите да добијат квалитетна правда? Контрадикторно, тој смета дека ова сепак не е тема за која медиумите треба да известуваат.

Героски сугерира и дека ИРЛ го штити државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, што претставува невистина. Напротив, работата на овој обвинителски тим е и клучната критичка аргументација во сторијата на ИРЛ за што потврда се и бројните реакции од оваа институција по објавата.

Истражувачкото новинарство, особено она што се води според светски професионални и етички стандарди, подразбира обезбедување докази за сите тврдења и барање на втора страна. Задачата на новинарите не е да пласираат непроверени информации, туку да ја информираат јавноста објективно, точно и вистинито.

Героски има напишано многу објави, но ретко во интерес и одбрана на обичниот граѓанин. Наместо тоа, неговата работа често е посветена на промоција и заштита на моќни луѓе како Кочо Анѓушев, Јордан Камчев, Ратко Димитров, Жан Митрев и други пријатели и огласувачи.

ИРЛ, според Героски, е „лош општествен актер“ достоен за напад од неговото селективно перо, но во исто време, тој дава поддршка на медиуми како порталот „Доказ“, чиј сопственик Марјан Стаменковски беше уапсен со 90.000 евра во кеш, додека Героски дежураше пред неговиот стан.

Истовремено, Героски ниту еднаш не известуваше од протестите во Кочани што говори за неговите вистински мотиви повеќе од сите негови објави за ИРЛ.“


Истовремно Рацин.мк попладнево објави информација дека текстот тенденциозно наведува на манипулации.

Оригиналниот текст на уредникот на ПлусИнфо Бранко Геровски може да го причитате на овој линк

Зачлени се на нашиот е-билтен