Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Исланѓанките штрајкуваат за поголема родова еднаквост

Жените ширум Исланд, вклучително и премиерката Катрин Јакобсдотир, денеска штрајкуваат како дел од заложбите за поголема родова еднаквост во земјата.

Со протестот познат како „Слободен ден за жената“ (на исландски јазик: „Квеннафри“), се надеваат дека ќе ја подигнат свеста за „системската“ дискриминација, во однос на платите и родовото насилство со кое се соочуваат жените во Исланд. Ова ќе биде седми пат Исланѓанките да штрајкуваат во име на родовата еднаквост. Првиот штрајк се одржа на 24 октомври 1975 година, потсетуваат организаторите на кампањата на нивната официјална интернет-страница.

„На 24 октомври, сите жени во Исланд, вклучително и жените имигрантки, се охрабруваат да престанат со работа, и платена и неплатена. Жените (и небинарните лица) ќе штрајкуваат цел ден, за да ја покажат важноста на нивниот придонес во општеството“, се вели во соопштението.

Исландската премиерка Катрин Јакобсдотир во петокот изјави за исландскиот портал „Исланд монитор“, дека и таа нема да работи на денот на штрајкот и очекува и другите жени во Владата, „во солидарност со исландските жени“, да го сторат истото.

-Како што знаете, ние сè уште не сме ги постигнале нашите цели за целосна родова еднаквост и сè уште се справуваме со родовиот јаз во платите, што е неприфатливо за 2023 година. Сè уште се справуваме со родовото насилство, што мојата Влада си го постави како приоритет, изјави Јакобсдотир.

Нејзината влада претходно се обврза да го искорени родовиот јаз во платите до 2022 година. (МИА)

Треба да знаете
Moже да ве интересира