Истакнати Италијанки, вклучително и Мелони, жртви на онлајн скандал

Италијанците реагираа со гнев откако беше откриено дека онлајн платформа со стотици илјади корисници со години собирала и менувала фотографии на жени без нивна согласност, јави ДПА.

Некои од сликите на платформата „Фика“ (Phica) биле уредени и придружени со непристојни и насилни коментари.

Меѓу погодените се јавни личности како што се премиерката Џорџа Мелони, лидерката на опозицијата Ели Шлајн и инфлуенсерката Кјара Ферањи.

Случајот излезе на виделина откако Валерија Кампања, локална советничка во Латина, ги открила своите фотографии на страницата и поднела пријава.

„Денес сум згрозена, лута и разочарана. Но, не можам да молчам“, напиша 24-годишната девојка на Фејсбук.

Други засегнати жени, како што е членката на Европскиот парламент Алесандра Морети, исто така поднесоа пријави против веб-страницата.

Во видео изјава, таа објасни дека открила дека „со години, фотографии и клипови од ТВ-програми во кои учествував биле украдени, изменети, а потоа направени достапни за илјадници корисници“.

Таа опиша „долга листа на непристојни коментари кои не само што ѝ наштетуваат на мојата емоционална благосостојба, туку и на безбедноста на многу жени“.

Според медиумските извештаи, италијанската полиција почнала истрага за платформата.

Веб-страницата го најави своето затворање, наведувајќи: „И покрај сите напори, не успеавме навреме да ги спречиме сите токсични однесувања“. Целата содржина треба да биде избришана.

Скандалот следи по сличен случај кој ја вклучува италијанската Фејсбук група „Mia Moglie“ („Мојата сопруга“), која неодамна беше затворена.

Во таа група, повеќе од 30.000 мажи тајно поставувале фотографии од своите партнерки и ги споделувале во заедница на воајеру, каде што биле изложени на непристојни коментари. 

Зачлени се на нашиот е-билтен