Истокот на Македонија под дожд и големи одрони

ФОТО: Мета.мк

Веќе 24 часа поголеми одрони се свлекуваат на повеќе патни правци во источна Македонија, додека на патот кон туристичкиот центар Пониква има и снежна покривка. Од ЈП „Македонијапат“ велат дека нивните екипи се постојано на терен и дека во моментов нема забрани и ограничувања, но апелираат на крајно внимателно возење, намалена брзина и прилагодување на условите, бидејќи теренот е натопен, а свлечиштата се активни.

Според информациите од терен, интервенциите се изведуваат паралелно на повеќе локации – со механизација за расчистување на одрони и со возила за зимско одржување. Како најкритични се посочуваат правците од Делчево кон Истибања и од Македонска Каменица кон рудникот Саса, каде во текот на ноќта се чистело со повеќе машини и камиони поради поголеми количества земја и камења на коловозот. Во дел од регионот почнува и снег, поради што службите се подготвени со ножеви и посипувачи, за да не дојде до заледување и дополнителни инциденти.

Апели излегоа и од АМСМ. Поради обилните врнежи и честата појава на одрони, на возачите им се препорачува крајна претпазливост особено на делниците Делчево – Македонска Каменица – Истибања и Делчево – Пехчево. На правецот Македонска Каменица – рудник Саса, поради одрон, сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од околу 200 метри, што дополнително го зголемува ризикот од застои и опасни претекнувања.

Надлежните потсетуваат дека вакви појави се најчести во котлини, речни долини и клисури, па вниманието треба да биде засилено и на правците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево. Препораката до сите што тргнуваат на пат е пред поаѓање да ја проверат состојбата, да држат поголема дистанца и да избегнуваат ризични маневри на стеснети делови, затоа што одронот не се најавува – тој се случува.

Зачлени се на нашиот е-билтен